speleo e-прирачникот е во бета верзија. кликнете на книгата!

Претходна Почетна Следна

2. Карбонатни карпи

 

2.1. Варовници

 

Варовниците се седиментни карпи кои по хемискиот состав се калциум карбонат. Изградени се од минералот калцит (CaCO3) кој е обично застапен преку 95%. Често се присутни и примеси на манган, железо, глина, песок, магнесиум и др. Според видот на примесите се издвојуваат повеќе вариетети: глиновити варовници (глинени минерали до 50%), песокливи варовници (зрна на кварц и лискун), доломитични варовници (содржина на MgCO3 од 10-40%), железовити варовници (лимонит или хематит), битуминозни варовници или "смрдливи" варовници (количество на органски материи).

Структурата на варовниците е кристалесто зрнеста (минералните зрна меѓу себе се непосредно сраснати), оолитска (минералните состојки се тркалезни или елипсоидни чиј средишен дел е претставен со зрно песок или фосил), органогена (изградена од остатоци од животинско и растително потекло).

Текстурата е масивна (минералните честички немаат одредена просторна ориентација, па карпестата маса има едноличен изглед) или слоевита (се издвојуваат плочести делови, пластови со јасно издвоени пластови површини).

Бојата им варира во широки граници од сивобела, преку сива, сина, руменикава, зеленикава до црна, што зависи од присутните примеси.

 

Генетски гледано варовниците настануваат на повеќе начини:

1. Најголеми маси настануваат со таложење на скелети и оклопи на изумрени макро и микроорганизми изградени од калциум карбонат (корали, брахиоподи, амонити, цефалоподи, нумулити) таложени во океанските и морските простори и езерски животни и седиментациони средини.

2. Варовниците настануваат и по хемиски пат со таложење на цалциум карбонат во морска вода без учество на органска материја или со губење јагленова киселина од вода која содржи растворен цалциум хидрокарбонат.

3. Варовниците настануваат со таложење морски алги кои содржат поголеми количества калциум карбонат (диплопори, литотамниски алги).

4. Варовниците настануваат и како механички талози од порано распаднатите и преталожени парчиња од варовници.  

 

2.2. Доломити

 

Доломитите се карбонатни карпи изградени од минералот доломите CaMg(CO3)2 кој е застапен и до 45-50%. Може да содржат многу примеси, посебно калцит и глиновити минерали, гипс, анхидрит, опал, органски материи и.т.н. Од варовниците со кои имаат големи сличности доломитите се разликуваат во послабата растворливост во солна киселина (NCl) и механички полесно се распаѓаат во ровка маса слична на песок наречена доломитски грус или доломитски песок.

Структурата е зрнеста (минералните зрна меѓу себе се циментирани со некоја природна врзива материја).

Текстурата е масивна до слоевита.

Бојата им е најчесто млечнобела, а поради примесите може да биде и сива, жолтеникава, руменикава до темносива.

Доломитите настануваат на повеќе начини:

1. Со процесот на доломитизација, т.е. замена на дел од калциумовата супстанца кај варовниците со магнезиумова супстанца.

2. Примарно од раствори со таложење на двојни соли CaCO3 и MgCO3 како хемиски седименти.

 

2.3. Мермери

 

Мермерите се масивни пара метаморфни карпи кои настануваат со метаморфоза на варовници и доломити. Минералошки се изградени од минералот калцит-калцитски мермери или доломит-доломитски мермери. Покрај овие минерали може да се појават и други споредни минерали како кварц, лискун, хлорит, графит, епидот, фелдспати, магнетит и др. Доколку содржат лискуни, таквите мермери се викаат циполини.

Структурата кај мермерите е гранобластична (минералните состојки имаат иста големина и приближно изиметриски состав).

Текстурата е масивна (рамномерен распоред на минералните состојки во карпата) и поретко шкрилава или лентеста.

Бојата им е мошне разновидна и варира од бела до црна. Наполно чистите мермери имаат бела боја. Присутните примеси ги бојат мермерите во сива, сина, зелена, жолтеникава, црвена боја.

Мермерите се доста распространети карпи во земјината кора. Најчесто се јавуваат во вид на големи маси или како леќи со различна големина во терените изградени од кристалести шкрилци.

 

 

Ursus Speleos 2010 © Сите права задржани