speleo e-прирачникот е во бета верзија. кликнете на книгата!

Претходна Почетна Следна

3. Растворање на карбонатните карпи

 

За карстната морфогенеза најбитна особеност на карбонатните карпи е нивната растворливост во вода. Растворањето се врши во чиста, но особено во вода која содржи јаглена киселина (H2CO3). Количеството на карбонатните карпи кои се раствораат во чиста вода се релативно мали. Еден литар вода раствора 11-16 мгр карбонат. Тоа значи дека чистата вода е заситена ако содржи 12-15 мгр карбонати во 1 л. Но кога во водата се наоѓа растворена јагленова киселина тогаш нејзината растворувачка моќ повеќекратно се зголемува (1 л вода може да раствори дури 1 г карбонати). При содржина на јагленовата киселина од само 1 мгр/л, растворањето на карбонатот во водата се зголемува на 50-60 мгр/л. Јагленовата киселина настанува на тој начин што атмосферската вода (H2O) го апсорбира јаглеродниот диоксид (CO2) од воздухот и така создава благ раствор на јагленова киселина (H2CO3).

 

H2O+ CO2= H2CO3

 

Јагленовата киселина ја напаѓа карбонатната карпа-калциум монокарбонат и ја претвора во кисел калциум карбонат, или калциум бикарбонат кој е крајно растворлив во вода.

 

H2CO3+ CaCO3=Ca(HCO3)2

 

Како хемиско соединение калциум бикарбонатот е непостојан бидејќи во него јагленовата киселина е мошне лабилна. Таа од соединението лесно се губи со евапорација на H2O или со губитокот на CO2, без разлика дали тоа се случува во океанските, морските или езерските басени, или пак во коритата на површинските и подземните реки.

Има повеќе причини за губење на CO2: зголемување на температурата на водата, нејзино распрскување, намалување на атмосферскиот притисок и негова асимилација од растенијата. Со зголемување на температурата на водата се намалува содржината на CO2. Тоа предизвикува лачење на карбонат во растворот на калциум бикарботатот. При распрскување на водата кај слаповите и водопадите на површинските и подземните реки се ослободува CO2, а со тоа од растворот се лачи Ca(HCO3)2. Со намалување на воздушниот притисок доаѓа до опаѓање на парцијалниот притисок на CO2 во водниот раствор. Тој се ослободува, а се лачи CaCO3. Влијанието на растенијата се манифестира преку асимилација, т.е. со земање на CO2 од водата. Ваквото таложење на карбонатот се разликува од неговото директно лачење од водата. Секој од наведените причинители предизвикува обратен процес. Од растворот се лачи неутрален калциум карбонат кој не се раствора во вода. Тоа се споменатите травертин и бигор.   

 

Ca(HCO3)2= H2O+ CO2+ CaCO3

 

За растворање на карбонатните карпи од најголемо значење е количеството на CO2 во водата на атмосферските врнежи. Колку е поголемо неговото количество поголема е и растворувачката моќ на водата. Количеството на CO2 во водата директно зависи од парцијалниот притисок на овој гас во атмосферата и од температурата на водата. Парцијалниот притисок на CO2 во атмосферата е мал и изнесува 0.02%. Сепак тоа е доволно 1 л вода да може да раствори 64 мг/л карбонат. Тоа е 4 пати повеќе од количеството што може да го раствори 1 л чиста дестилирана вода (16 мг/л). Меѓутоа треба да се напомене дека содржината на CO2 во почвата покриена со вегетација е значително поголема. Температурата на водата влијае директно врз содржината на CO2. На 20°C водата содржи 2 пати помалку CO2 отколку на 0°C (0°C еден литар вода содржи 1.01 мг/л CO2, додека на 20°C само 0.52 мг/л). Поради тоа ладната вода раствора поголеми количества карбонати отколку топлата. На температуре од 4°C 1л вода раствора 119.7 мг/л, на 14°Ц околку 105, а на 20°C само 95.6 мг/л. Водата што се впива во растреситата почва, во допир со корењата на растенијата добива значителни количества CO2, што зависи и од почвената температура. Постоењето вегетација и дебел почвен супстрат, богат со хумус и др. органски киселини овозможува 1 л дождовница да апсорбира дури 1.5г CO2. Топлата и влажна клима го смалуваат количеството апсорбиран CO2од воздухот. Но бујната вегетација во ваквите климатски услови со трулење на растенијата создава агресивна јагленова киселина чија растворувачка моќ е 100 пати поголема од растворувачката моќ на јагленовата киселина што јаи ма во дождовницата. Со тоа во потполнос се компензира негативното влијание на повисоките температуре врз ефектот на растворањето на карбонатните карпи, односно се јавува интензивен процес на карстификација.

Како краен продукт на растворањето на карбонатните карпи се јавува резидијалната глина или црвеница (terra rossa). Таа е нерастворлив остаток на карбонатните карпи. Во чистите варовници има само 0.3-0.5 % нерастворливи состојки. Црвеницата се состои од силициски кварц (SiO2) и оксиди на железо (Fe2O3). Тие заедно ја сочинуваат глината.

 

Ursus Speleos 2010 © Сите права задржани