speleo e-прирачникот е во бета верзија. кликнете на книгата!

Претходна Почетна Следна

4. Подземни ерозивни карстни форми

 

Подземни ерозивни карстни форми настануваат со разорување на карпестите маси и тоа преку:

- растворачкото дејство на водата (корозија);

- механичкото дејство на водата (ерозија) и

- комбинација на претходните два начина.

 

4.1. Пропасти

 

Пропастите се подземни карстни форми чиј влез е на површината на теренот и се спуштаат во длабочината на карбонатната маса преку кос или вертикален канал. Кај пропастите услов е висинското растојание меѓу влезот и дното да биде поголемо во однос на должината на хоризонталната проекција на пропаста. Ова значи дека пропастите може да имаат дури и хоризонтални канали, скалесто подредени. Тие, како и главните канали се предиспонирани долж пукнатини, раседи или слоеви на карпи.

Создавањето на пропастите е условено од карстната и механичката ерозија. Површинската вода понира низ пукнатините во внатрешноста на карбонатната маса и истата ја раствора, односно ги проширува пукнатините. Со зголемување на димензиите на пукнатините површинското истекување на водите престанува и тоа се претвора во подземно. На тој начин се јавува силна подземна циркулација на водата што понира во внатрешноста, односно се јавува механичка ерозија на подземните текови.

Во зависност од степенот на влијанието на карстната, односно механичката ерозија на водата што понира во класификацијата на пропастите може да се издвојат повеќе типови: карстни пропасти, сурнати пропасти, вигледи, понори и други.

 

4.1.1. Карстни пропасти

 

Карстните пропасти се создаваат само под дејство на карстната ерозија, со растворање на пукнатините. Тие се суви пропасти, односно вон ив нема подземни водени текови.

Карстните пропасти се делат на ѕвекари и бездни. Ваквата поделба се базира на морфолошките разлики на каналите на пропаста, нивните димензии и начинот на протегање.

Ѕвекарите се плитки пропасти кои завршуваат со мала пештерска сала. Тие се одлика за плиткиот карст.

  

Бездните се одликуваат со едноставен вертикален канал со значителна длабочина, кој на дното најчесто се стеснува со непроодни пукнатини.

  

4.1.2. Сурнати пропасти

 

Сурнатите пропасти настануваат со сурнување на карпестите слоеви. Карстната ерозија ја нарушува нивната стабилност, особено ако во внатрешноста има некоја поголема празнина. На дната кај овие пропасти се забележува сурнат карпест материјал. Сурнатите пропасти се комбинација од корозивниот процес и механичкото уривање на слоевите кое е предизвикано од корозија. На дната од овие пропасти може да се јават и подземни водотеци.

 

4.1.3. Вигледи

 

Вигледите се пропасти на пештерските тавани. Низ нив пештерите комуницираат со површината. Корозијата ги нагризува слоевите долж пукнатините и на тој начин се создаваат релативно кратки, вертикални канали низ кои во пештерата се пробива денска светлина.

 

4.1.4. Понори

 

Понорите се пропасти во кои се губи водата од површинските речни текови. Кај нив корозијата е потпомогната со механичката ерозија на водата што понира и со материјалот што го внесува (песок, чакал). Понорите може да бидат: постојани, периодични и фосилни.

 

4.2. Пештери

 

Пештерите се подземни карстни форми чиј влез се наоѓа на одсеци и истиот е вертикален. Пештерските канали во внатрешноста на карбонатната маса се хоризонтални или благо наведнати.

Кај големите пештери каналите може да бидат распоредени на повеќе нивоа, а секое ниво претставува одреден стадиум во морфолошката еволуција на пештерата (најниското ниво е најмладо). Според генетската класификација се двојат: подкапини и прави пештери.  

 

 

4.2.1. Подкапини

 

Подкапините се кратки пештери во кои дневна светлина има до нивниот краен дел. Обично се сретнуваат по страните на клисурите, во подножјата на отсеците или во нивото на речните корита. Влезниот дел на подкапините е обично полиран со корозивното делување на атмосферската вода и има благо вдлабната форма. Правите подкапини се надвор од влијанието на механичката и хемиската ерозија. Тие се потполно суви и во нив нема подземни речни текови.

 

4.2.2. Прави пештери

 

Правите пештери се долги, често со мошне разгранети подземни канали кои се протегаат длабоко во внатершноста на карбонатната маса. Сите поголеми системи на пештерски канали настанале со хемиска и механичка ерозија на подземните водни текови кои денес или некогаш протекувале низ нив.

Според разгранетоста на пештерските канали пештерите се делат на прости и сложени. Простите пештери се состоја само од еден, повеќе или помалку едноставен канал. Сложените пештери се разгранети системи на подземни канали кои може да бидат распоредени и на повеќе нивоа.

  

Во зависност од тоа дали во пештерите постои речен тек тие се делат на речни и суви пештери.

 

4.2.2.1. Речни пештери

 

Низ речните пештери протекува подземна река која се разгранува како и површинските реки. Подземниот речен тек се движи преку слапови и водопади, низ теснини и сифони, или се заезеруваат со мирни езера. Според хидрографската функција речните пештери се делат на понорски и сифонски. Понорските пештери претставувале понори на површинските водотеци. Сифонските пештери се пештерски канали од кои на површината излегуваат или некогаш излегувале подземни водни текови во вид на силни извори (врутоци). Тие се нарекуваат и изворски пештери. Во зависност од режимот на подземниот тек што тече низ пештерата, речните пештери се делат на постојани и периодични. Постојани речни пештери се оние во кои има постојан речен тек. Периодични речни пештери се оние во кои подземниот речен тек се јавува периодично, најчесто во влажниот дел од годината. 

 

4.2.2.2. Суви пештери

 

Сувите пештери денес се надвор од хидрографска функција. Со исчезнување на пештерската река е прекинато изградувањето на пештерата со механичка ерозија. Натамошната морфолошка еволуција е поврзана со дејството на водата прокапница и со уривање на таваните на пештерите.

 

Ursus Speleos 2010 © Сите права задржани