speleo e-прирачникот е во бета верзија. кликнете на книгата!

Претходна Почетна Следна

5. Пештерски украси

 

Пештерските украси се формираат со лачење на карбонатот од водниот раствор. Бидејќи јагленовата киселина, во водниот раствор е лабилно соединениеод неа лесно се губи јаглеродниот диоксид, што има за последица лачење на неутрален калциум карбонат.

Во зависност од начинот на прилив на водата во подземните маси се разликуваат две групи на пештерски украси:

- украси формирани со капење на вода од таванот и пештерските ѕидови (сталактити, сталагмите, пештерски столбови);

- украси формирани со течење на вода (сливови, драперии, бигорни кади, травертински басени).

 

5.1. Сталактити

 

Сталактитите се пештерски украси карактеристични за таванот од кој висат во најразлични облици. Кај правите сталактити (сталактити од I тип) формирањето започнува со растење на т.н. калцитни цевчиња (макарони). По надоаѓањето на водата заситена со раствор на калциум бикарбонат, која струи низ многу тесни пукнатини, во пештерскиот простор, доаѓа до ослободување на CO2 од растворот поради промена на притисокот, температурата или влажноста. Поради нарушувањето на рамнотежата во растворот, т.е. во капката вода која се формира на излезот на пукнатината, доаѓа до таложење на калциум карбонат во вид на тенок прстен на контактот со карпата. Со текот на времето овој процес напредува, па калцитните цевчиња може да достигнат должина и преку 1 м. Ѕидовите на калцитното цевче се потенки и од пола милиметар, а пречникот е обично околу 5 мм колку што изнесува и пречникот на капката вода. Во пештерите со голема влажност и дотек на вода, на надворешната страна на цевчето се создава тенок слој на вода од кој исто така се издвојува CaCO3 и доаѓа до растење на сталактитите во широчина. За овој тип на сталактити карактеристичен е прстенест пресек со иницијално цевче во средината. Со дополнителни процеси може да се формираат сталактити со чудни форми и димензии. Така со запушување на централното цевче водата може, преку пукнатини во самиот сталактит, да стигне до надворешниот ѕид и да формира различни ексцентрични облици, задебелувања и сл. Како секундарни облици на сталактитите може да се формираат различни сферни форми т.н. коралоиди. Нивното формирање се објаснува со излачување на CaCO3 од тенкиот воден слој околу ситно јадро кое може да е претставено со честица прашина, парче карпа и сл. Коралоидите може да се формираат и на сите останати површини од пештерските украси и канали.

 

Формирањето на сталактитите од II тип е последица од бавното сливање на тенкиот слој и капките вода долж навалените површини на пештерскиот канал. На својот пат до местото на откинување од таа навалена површина, капката вода остава тенок слој наталожен со CaCO3 и на тој начин доаѓа до асиметричен раст на сталактитите. Кај овој тип нема иницијално цевче во нивната внатрешност.

  

Дебелината на слоевите кај сталактитите е многу мала (помалку од десетиот дел од мм) и најчесто меѓу себе се разликуваат по бојата.

 

5.2. Сталагмити

 

Сталагмитите се пештерски украси карактеристични за подот на пештерските канали. Настануваат под дејство на водата прокапница која стигнува во пештерскиот простор. Капките вода откинати од сталактитите или оние кои дотекуваат од пукнатините, во текот на својот пад кон подот губат CO2 и стануваат презаситени со калциум бикарбонат. Во моментот на удар со цврстата подлога, кога процесот на ослободување на CO2 повеќе пати се зголемува, се таложи CaCO3 во вид на концентрични прстени. На овој начин доаѓа до растење на сталагмитите.

  

Кога водата прокапница паѓа од  помала височина формираните слоеви на калцит се испупчени нагоре, додека со зголемување на височината слоевите добиваат тањирест изглед. Ова се објаснува со поголемата кинетичка енергија од ударот на капката и поголемото распрскување по ивичните делови на сталагмитот. Димензиите и формата на сталагмитите зависи од височината на таванот и концентрацијата на сталактити, односно од местата од кои капе вода. 

  

5.3. Пештерски столбови

 

Пештерските столбови настануваат со сраснување на сталактити и сталагмити. Подоцна со сливање на тенкиот воден слој или млазевите на вода по страните на пештерскиот столб, може да се формираат најразлични форми на неговата површина. Понекогаш пештерските столбови толку нараснуваат во широчина што може сосема да ги затворат пештерските канали.

            

5.4. Драперии

 

Драпериите настануваат со линиско движење на капките вода кои зад себе оставаат тенок слој на излачен CaCO3 по навалениот ѕид или таванот на пештерата. Во зависност од правецот на движење на капките вода, кој може да биде многу вијугав, или поради спојување на повеќе такви правци под различни агли, се формираат многу убави форми кои наликуваат на набори на завеси. Затоа често место поимот драперија, за овие пештерски украси, се користи и поимот завеса. Слоевите на драпериите може да имаат најразлични бои што даваат многу убав ефект. На удар драпериите даваат различни тонови па затоа уште се нарекуваат и оргули.

 

5.5. Сливови

 

Сливовите се најчеста форма на излачен калциум карбонат во пештерите. Се формираат со бавно сливање на тенокиот слој на вода или капките вода преку подлогата. Често покриваат големи површини, а се создаваат и преку ѕидовите на пештерите и сурнатите блокови или пак преку веќе формираните украси. Во зависност од приливот на вода и од староста, овие украси може да имаат различна дебелина, од сосема тенок слој, до повеќе метри кога скоро и да ги затвораат пештерските канали. Градбата им е слоевите, а во зависност од релјефот на подлогата може да имаат најразлични форми.

  

5.6. Бигорни кади и базени

 

Слично како кај површинските реки презаситени со растворот на калциум бикарбонат, и од подземните текови или тенките слоеви на вода може, по наидување на препрека или отсек, да се излачат наслојки на бигор и травертин. Подоцна доаѓа до нивно нараснување, создавање бедеми и заезерување на вода, односно формирање на т.н. бигорни кади и базени на навалените површини на пештерските канали. Вакви кади има многу често под сливовите, но може понекогаш да го зафатат и целото дно на пештерата.

  

5.7. Хеликтити

 

Хеликтитите се пештерски украси кои растат во различни правци не покорувајќи се на силата на Земјината тежа. Името има грчки корен што значи спирално свиткување. Овие украси уште се нарекуваат и ексцентрични украси. Растат на таванот, ѕидовите или на пештерските украси. Кога се формираат одоздола нагоре се нарекуваат хелигмити. Хеликтитите настануваат како резултат на многу спората циркулација на водата низ пукнатините и со излачување на кристалот калцит на врвот на пукнатината. Се додека приливот на вода е таков да не се создаде капка, на врвот на хеликтитот ќе се создаваат кристали чиј раст го следат силите на кристализација, а не на гравитација. Вака се формираат неправилни и извиени облици со различна должина и широчина. Друг фактор кој влијае врз формирање на овие украси е и струењето на воздухот во пештерите.   

 

5.8. Корали

 

Коралите (глобулити) се пештерски украси претставени со разновидни заоблени, топчести, цевчести и други неправилни форми кои се појавуваат на пештерските ѕидови и останатите пештерски украси. Тие имаат слоевита и концентрична градба, а во центарот т.е. на контактот со површината каде се формираат понекогаш има иницијална честица. Се развиваат во услови на висока влажност. Истите многу често се застапени во пештерските канали.

 

5.9. Хиероглифи

 

Хиероглифите претставуваат форми кои наликуваат на хиероглифско писмо. Тие се јавуваат на пештерските ѕидови и на веќе формираните украси. Има акумулативни и ерозивни хиероглифи. Првите се формираат кога ќе се наталожи прашина врз тенкиот слој на вода кој наликува на линија. Во сувиот период оваа маса се стврднува формирајќи испакнати линеарни форми. Ерозивните хиероглифи се вдлабнатини со мала длабочина и широчина, исто така формирани на линиите на кои се слива тенок млаз вода.

 

5.10. Боја на пештерските украси

 

На пештерските украси може да се забележат скоро сите бои. Бојата зависи од повеќе фактори: содржина и количина на катјони на метали во водата прокапница, оксидационата состојба, големина на кристалот (малите изолирани кристали на калцит се најчесто бели, а големите кристали имаат изразито жолти нијанси), присуство на различни органски супстанци (гуано, чад, јаглен), карактер на вегетацијата на површината на теренот. Сепак, во најголем број случаи содржината на  металните јони имаат најважна улога за различно обоените пештерски украси. Така доколку во водата прокапница има присуство на железо, оксиди, хематит, лимонит бојата на пештерските украси е жолта, жолтеникаво-бела, портокалова, црвена; присуството на манган дава црна, сива или сина боја; присуството на бакар овозможува сина, сино-зелена и зелена боја; сулфурот дава жолта боја; никелот украсите ги бои во јарка жолта или бледо зелена боја; присуството на глина, мил, прашина во водата прокапница дава кафеава, смеѓа, црвенкаста боја. Органските материјали како гуано, хумусни и фулвични киселини пештерските украси ги бојат во црвена, црвено-смеѓа, портокалова, црна, жолта боја.

 

5.11. Методи за утврдување на старост на пештерските украси

 

Денес за утврдување на староста на пештерските украси се употребуваат повеќе методи, од кои само два метода даваат порелевантни податоци. Со првиот метод се определува процентуална застапеност на изотопот јаглерод 14C во наталожениот калциум-карбонат на пештерските украси. Со овој метод може да се определи старост од 38000-40000 години, со грешка од 10% и претпоставка дека варовникот во кој е формирана пештерата не го содржи изотопот 14C, односно дека тој е доволно стар во однос на периодот на полураспаѓање на изотопот кој изнесува 5570 години. Друг метод е одредување на односот на содржината на радиоактивните изотопи на уран и ториум, а максималната старост која може да се определи изнесува 350000-400000 години. За овој метод да биде успешен потребно е земениот примерок да биде компактен, непорозен, без примеси и кристализиран како калцит, а не како арагонит. Грешката на овој метод е до 5%. Двата метода се многу скапи и затоа до сега во Р.Македонија за ниту една пештера не е определена староста на пештерските украси.

 

Ursus Speleos 2010 © Сите права задржани