speleo e-прирачникот е во бета верзија. кликнете на книгата!

Претходна Почетна Следна

6. Жив свет

 

Во пештерите, според Латтингер и Твртковиц (1986),  постојат повеќе биотопи, односно заедници на жив свет кои се населени во:

 

- полумрачните влезови каде живиот свет се сменува во зависност од годишното време;

- внатрешните делови на пештерите каде на ѕидовите, пештерските украси и пукнатините живеат најтипичните копнени подземни организми;

- глинената подлога во која живеат автотрофни бактерии многу важни за исхраната на подземните организми кога се во фаза на кукла;

- гуано (измет од лилјаци) кој е воедно и најхранливиот супстрат во подземјето;

- тенките слоеви на вода кои се преливаат по пештерските ѕидови и украси;

- брзите подземни води;

- површината на заматените води;

- дното на мирните води каде живеат типични подземни водни животни;

- просторите помеѓу честиците песок и шљунак во водните наноси.

 

            Организмите чиј цел животен циклус е врзан исклучиво за подземјето се нарекуваат троглобити (Troglobites). Тие се одликуваат со потполно губење на пигментот, закржлавени очи и значително подолги пипалки и сетилни влакна.

 

            Троглофили (Troglophiles) се површински организми кои во подземјето поминуваат еден дел од годината (некои примероци може да останат поврзани со подземјето и целиот животен циклус) или пак то аим служи како засолниште и привремено живеалиште. Вакви организми се: мечки, лилјаци, пештерски гулаби, пештерски скакулци и др.

 

            Троглоксени (Trogloxenes) се животни кои во подземјето доспеваат случајно или пак се пасивно внесени со вода. Јасна граница меѓу троглофилите и троглоксените понекогаш  етешко да се определи.

 

            Во подземните карстни облици може да се сретнат и бактерии и билки. Бактериите се особено застапени во гуаното, глинената подлога и во внесените органски остатоци. Печурките живеат во тлото или се паразити на инсектите, а во посетуваните пештери се развиваат од внесените спори. Растенијата се среќаваат во влезните делови каде има доволно светлина за асимилација, а се претставени со: мов (Bryophyta), лишаи (Lichenes) и папрати (Filicales).

 

Ursus Speleos 2010 © Сите права задржани