За нас
Членови
Пештери
Проекти
Туризам
Линкови 
 

 

 

 

назад

     Извештај од одржаниот 5ти Балкански Спелеолошки камп, Самоков 2011

 

Петтиот Балкански Спелеолошки Камп, се одржа во периодот од 29.06 – 03.07.2011 год. во селото Самоков, во и околу Хотелот Поречки Бисер, оддалечен на само 35 километри од Општина Македонски Брод. Кампот беше комплетно поддржан од Балканската Спелеолошка Унија, а беше организиран од страна на Спелеолошката Федерација на Македонија, и од Истражувачкото друштво „Урсус Спелеос“ – Скопје, инаку членка на федерацијата.

На кампот присуствуваа околу 150 спелеолози од Балканските и Европските држави (Бугарија, Романија, Црна Гора, Турција, Полска, Чешка, Словенија), и е досега најголем меѓународен спелеолошки настан во нашата држава.

На свеченото отварање на кампот на 29.06.2011 год. присуствуваа градоначалникот на Општина Македонски Брод, Г-дин Милосим Војновски, Претседателот и Потпретседателот на Спелеолошката Федерација на Македонија, Гордана Јанакиевска и Иван Жежовски, Претседателот на Балканската Спелеолошка Унија Виорел Ласку , веќе поранешниот Генерален Секретар на Балканската Спелеолошка Унија Алексеј Жалов, Претседателот на Истражувачкото друштво „Урсус Спелеос“ – Скопје, Али Самет, кои што воедно им се обратија на толпата учесници и го прогласија Петтиот Балкански Спелеолошки Камп за отворен.

Овој досега најголем меѓународен спелеолошки настан во Р. Македонија немаше да се оддржи без помошта на спелеолошките клубови „Златоврв„ од Прилеп и „Орле“ од Кавадарци, општината Македонски Брод, подрачната единица на МВР Македонски брод, Еколошкото друштво „Треска“ и секако нашите спонзори, Виго-48, А.Д. Европа Македонија, и Генералниот покровител ВИНАРИЈА СКОВИН, со чија помош го презентиравме македонското вино и им овозможивме на гостите да уживаат во убавиот традиционален вкус.

За време на кампот секојдневно беа организирани различни тури до пештери и пропасти за сечии вештини и желби. Беа посетени пештерите Пешна и Девина, кои што беа понудени како туристички пред се за најмладите и највозрасните учесници. Во селото Слатина беа посетени пештерите Слатински Извор (4 км. најдолг пештерски систем во државата), Горна Слатинска, Овчарска и Пурало (сеуште неистражена докрај) каде што младите македонски спелеолози заедно со Словенечкиот спелеолог Урош Илиќ открија нови канали во должина од 280 метри. Следни за посета беа пештерата Момичек во с. Белица и пештерите Јаноа 1 и Јаноа 2, во близина на с. Самоков. Дополнително поради голема заинтересираност се посетија и пропастите Горен и Долен Бијеш (-60м.) кои што претставуваа вистински предизвик за искусните спелеолози.

На 30.06.2011 год. се одржа и седница на Претседателството на Балканската Спелеолошка Унија, каде што се избра нов Генерален Секретар на Унијата, г-дин Топалов Китен од Р. Бугарија.

За време на кампот секоја вечер посетителите имаа можност да презентираат најразлични свои активности од своите клубови или федерации, се со цел подобро запознавање со меѓусебните активности и секако со желба за понатамошна уште поуспешна и поплодна соработка .

На 02.07.2011 година во вечерните часови се одржа и официјалното затворање на кампот, каде што беше презентирана новата книга „Земјата и пештерите“ од г-динот Петар Делчев од Националниот Музеј во Бугарија, а потоа се доделија и наградите од Меѓународниот Фото Конкурс „Пештерите и ние“ во две категории: 1. Пештерите и ние, 2. Убавините на Пештерите,  во организација на спелеолошкиот клуб Приста –Русе од Бугарија, конкурс директно поддржан и потпомогнат од Балканската Спелеолошка Унија. За времетраењето на кампот, најдобрите 40 фотографии беа изложени цело време, и беа посетени од сите присутни на настанот.

Пред финалното затворање на кампот, присутните одржаа едноминутен молк по повод смртта на еден од поискусните спелеолози во државата господинот Благоја Коцевски од Спелеолошкиот клуб „Саламандер“од Штип. 

Веднаш потоа Спелеолошката Федерација на Македонија им додели благодарници на претставниците на федерациите за нивното учество и Истражувачкото друштво „Урсус Спелеос“ Скопје како главен организатор на целиот настан додели благодарници на сите соработници кои што директно или индиректно го потпомогнаа одржувањето на овој камп, но и за прв пат беа врачени специјални поклони на најмладите спелеолози во нашата држава, кои што со своите насмевки и збунетост успеаа да измамат најголеми овации кај присутните и кој што воедно покажаа дека на спелеологијата во Македонија и претстои голема и успешна иднина. Согласно традицијата знамињата и банерот со лого на Балканскиот Спелеолошки Камп беше предадено на новиот Генерален Секретар на Балканската Спелеолошка Унија, Китен Топалов кој што штом ќе се дефинира следната држава домаќин официјално ќе им го предаде. По официјалното затворање на кампот, следуваше голема забава до раните утрински часови.

 

 

 
 
Ursus Speleos 2010 © Сите права задржани