Почетна
За нас
Членови
Проекти
Туризам
Линкови
 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

назад

     Пештера ГОРНА СЛАТИНСКА



Пештерата Горна Слатинска се наоѓа од левата долинска страна на Слатинска Река, на ридот Баба (751 м). Влезот на пештерата е на 620 м н.в. и е со југозападна експозиција. Пештерата е изградена во доломитски мермери со прекамбриумска старост.
Првични податоци за оваа пештера дава Јовановиќ (1928). Тој ја именува како I Слатинска Пештера, додека месното население ја нарекува Горна Слатинска. Во натамошниот текст пештерата е именувана како Горна Слатинска.


Морфометриски карактеристики. Влезот на пештерата е предиспониран долж пукнатина препречена со карпест блок, поради што се јавуваат два влеза. Димензиите на првиот влез се 0.6 х 0.8 м, а на вториот 1.8 х 0.6 м.
Влезниот дел на пештерата е инверзен со наклон од 25 - 35. На овој дел од таванот присутен е процесот на уривање на карпест материјал па затоа и неговата височина се движи до 3.5 м. Во следните 35 м каналот има правец на протегање кон исток. Во овој дел (т. 4 - 5) изградена е помала пештерска сала со димензии 5.5 х 8 м. Кај т. 5 се јавува отсек висок 1.4 м и од овде пештерскиот канал скршнува кон југ, а потоа (т. 8 - 21) е ориентиран кон североисток.
Низ целата должина на каналот височината на таванскиот дел се движи од 0.8 - 4 м, додека неговата широчина е од 1 - 3 м. Од т. 21 - 27 каналот свртува кон север, за да од т. 27 - 30 направи лак и сврти кон југ. Ваквиот правец пештерскиот канал го задржува до излезот на пештерата. Генерално целиот пештерски канал е инверзен, а само на места е конформен со вредност од 50 (т. 40) и 20 (т. 42). Кај т. 31, од десната страна на ѕидот има пукнатина која поради малите димензии е непристапна. Пукнатина со должина од 12 м се јавува и пред самиот излез на пештерата, но и таа е недостапна за истражување. Главниот пештерски канал завршува со отвор, предиспониран со пукнатина. Неговите димензии се 0.9 х 0.6 м.
На неколку места главниот пештерски канал е пресечен со други, помали пештерски канали (т. 11 - 15, т. 18 - 18′, т. 19 - 22′, т. 37 - 57). Најдолгиот од нив е со должина од 53 м. Два од пештерските канали се наоѓаат на пониско ниво од главниот пештерски канал. Тие се протегаат од т. 18 - 18′ и т. 37 - 57.
Вкупната должина на пештерските канали на пештерата Горна Слатинска изнесува 336 м, а висинската разлика меѓу влезот и излезот на пештерата е 15 м.


Хидролошки карактеристики. Пештерата Горна Слатинска е фосилна речна пештера. Доказ за постоење на некогашниот подземен водотек се трагите од некогашното речно корито. Низ најголем дел на главниот пештерски канал и во дел од споредните канали речното корито е добро зачувано. Неговите страни се вертикални и на нив јасно се забележува ерозивното дејство на водата од некогашниот подземен водотек. Дното на коритото е зарамнето и на места покриено со чакал. Дури кај т. 18 јасно се забележува и тераса со височина од 0.5 м. Некогашниот подземен водотек има формирано и една поголема меандра (т. 26 - 30).
Според Јовановиќ (1928) подземниот водотек се движел и под дејство на хидростатички притисок, на местата каде ходниците и речното корито се стеснуваат, а дното е нерамно со отсеци и прегради. На местата каде каналите се препречени со помали мостови во форма на прерасти смета дека ваквите потези се остатоци од сифони.


Геоморфолошки карактеристики. Пештерата Горна Слатинска според генетската класификација припаѓа на типот прави пештери. Според разгранетоста на пештерските канали пештерата е сложена пештера бидејќи два споредни канали се протегаат под нивото на главниот пештерски канал. Ова е единствената пештера во Поречкиот Басен која се карактеризира со постоење на влез и излез и поради тоа припаѓа на групата тунелски пештери.
Пештерските канали генерално се инверзни, а на места се конформни. Доказ за ова е висинската разлика меѓу влезот и излезот на пештерата која изнесува 15 м.
Подземните акумулативни карстни форми не се застапени само во почетниот, влезен дел на пештерата каде се јавува сурнување на таванскиот дел. Во останатиот дел на пештерата пештерските украси се честа појава и тоа особено на места каде се преплетуваат повеќе пукнатини. Тие се претставени со: сталактити, сталагмити, пештерски столбови, сливови и мал број на травертински басени. Димензиите им се различни и истите се движат од неколку сантиметри, до 1.5 - 2 м. Пештерските столбови, а особено сливовите на места го стеснуваат пештерскиот канал, и го отежнуваат движењето низ него. Травертинските басени се периодично исполнети со вода и тоа после обилни дождови. Кај акумулативните подземни форми преовладува белата боја, а делумно се јавуваат нијанси од жолта до црвена боја.


Постанок на пештерата. Влезот и излезот на пештерата не покажуваат траги од речна ерозија. Тие се пукнатински отвори настанати со сурнување на тавански блокови. Останатите делови од пештерата покажуваат јасни траги од речна ерозија. Еволуцијата на пештерата се одвивала во четири фази. Во првата фаза има протекување на вода низ пукнатините кои се прошируваат. Во втората се формира подземен речен тек на ниво на терасите, а во следната фаза има странично проширување на речното корито на ниво на неговото дно. Во последната фаза пештерата постанува сува, а од таванскиот дел и страните прокапува вода која ги формира акумулативните форми, а се јавува и делумно сурнување на таванот. Фазата на речното корито според Јовановиќ (1928) одговара со вирмскиот глацијален период.
Староста на пештерата е одредена на следниот начин: Над пештерата е површта Баба (751 м) која е покриена со неогени плиоцени седименти. Слатинска Река својата долина ја всекувала во оваа неогена површ, што значи дека таа е помлада од неоген. Пештерата е всечена од левата долинска страна на височина од околу 50 - 60 м. Во долината на Треска на оваа височина има ′ртеста тераса. На истата височина кај село Горна Белица, покрај река Белешница, има широка чакалеста и бигровита флувиоглацијална тераса, за која е утврдено дека одговара на глацијалниот период Вирм. Врзувајќи ги овие две нивоа може да се каже дека главниот пештерски ходник, на повисокото ниво, е истодобен со овие флувиоглацијални вирмски тераси. Пониското ниво е помладо и одговара на всекувањето на долината после глацијалот Вирм (Јовановиќ, 1928).


Останати карактеристики. Влезниот и излезниот дел на пештерата, во поглед на температурните карактеристики, зависи од тампературата на воздухот надвор од пештерата. Врз основа на вредностите кои се добиени може да се заклучи дека повисокото ниво на пештерата секогаш има вредност повисока за 4 - 5Ц во поглед на надворешните температури. Само пониското ниво кое е во близина на излезот има константна температура од 15Ц во текот на целата година.
Во однос на рецентната фауна може да се заклучи дека низ целата должина на пештерата има видови кои се карактеристични за надворешниот простор. Такви се некои полжави од фамилијата Zonitidae, мокрици (
Isopoda) и различни видови диптери (комарци од фамилиите Culicidae и Limoniidae). Од поважните видови кои се поврзани со пештерата се регистрирани некои стоногалки (Lithobius sp.) и два вида лилјаци (Rhinolophus hipposideros, Rhinolophus sp.). Најден е само еден примерок од скакулецот (Troglophilus sp.) кој го има и во Девина Пештера (Христовски-во ракопис).
 

ИЗВАДОК ОД МАГИСТЕРСКИОТ ТРУД "ПОДЗЕМНИ КАРСТНИ ФОРМИ ВО ПОРЕЧКИОТ БАСЕН И НИВНА ВАЛОРИЗАЦИЈА ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ПРОСТОРНОТО ПЛАНИРАЊЕ"

 
 
 
Ursus Speleos 2010 Сите права задржани