Хидрографската мрежа во заштитеното подрачје ја формира Слатинска Река. Таа се формира со спојување на водите од Крушеска Река и Маркоска Река  чии извори се наоѓаат на источните падини на планината Песјак, на 1740 m. Вливот на Слатинска Река во река Треска е на 500 m. Вкупниот пад од котата на извор до котата на влив е 1240 m, а просечниот пад 126.5%o Максималната должина на реката е 9.8 km, а минималната е 8.9 km. Сливот зафаќа површина од 29.7 km2 , а должината на водоразделната линија е 26.3 km. Од своите изворишта Маркоска Река и Крушеска Река имаат постојан карактер, а низводно од село Слатина до вливот во Треска, Слатинска Река (сл. 48) има периодичен карактер. Всушност на контактот меѓу карбонатната серија од Пелагонискиот хорст антиклинориум и  некарбонатната серија од Западно македонската зона, се имаат формирано понори  во кои површинската вода се губи и истата тече подземно низ пештерите Слатински Извор и Пурало, и се појавува кај изворот Слатински Извор.