Почетна
За нас
Членови
Проекти
Туризам
Линкови
 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

назад

     Пропаст ЈАСИКА

 

На територијата на заштитеното подрачје "Јасен" се евидентирани повеќе подземни карстни форми. Претежно доминираат пропастите бидејќи посилно е изразена вертикалната карстификација и циркулација на вода. Но, како резултат на карбонатните карпи кои го градат просторот и поголемата дебелина на карбонатната серија реално е да се очекуваат нови резултати во спелеолошки поглед.
Една од истражените пропасти е Јасика. Истата е истражена од страна на спелеолозите од Истражувачкото друштво "Урсус спелеос"-Скопје, во периодот ноември-јануари 2009/10 година. За извршените истражувања искажуваме голема благодарност до ЈПУЗПНП "Јасен" за дадената дозвола за вршење истражувања.

Природни одлики на пропаста Јасика. Пропаста Јасика се наоѓа на Сува Планина, во месноста Јасика. До влезот се стигнува преку макадамски пат кој води од превојот Кула до пропаста. Влезот е на надморска височина од 1128 м.
Пропаста е изградена на западното крило на Сувопланинската синклинала која припаѓа на Пелагонискиот хорст антиклинориум. Пропаста е изградена во прекамбриумски среднозрнести сивобели калцитски мермери, како дел од големата мермерна серија. Карпестите маси се со кавернозна порозност и истите се тектонски пореметени, со голем број пукнатини поради што се водопропусни и создаваат услови за формирање на подземни ерозивни карстни форми.
Влезот на пропаста е хоризонтален, предиспониран долж дијаклаза и издолжен во правецот на нејзиното протегање, односно исток-запад. Неговите димензии се 7.5џ3 м. Од влезот се протега вертикален канал со длабочина од 9 м, на чие дно има сурнат карпест материјал. Од овде до точка 6, во југоисточен правец, се протега поголемо пештерско проширување чии димензии се: должина околу 50 м, широчина од 15-30 м и височина околу 5-6 м. Дното е препокриено со покрупен карпест материјал сурнат од таванот, па наклонот е со вредност од 35. Само најнискиот дел од проширувањето, со широчина од 8 м, е покриено со глиновит материјал. На овој дел јасно се забележува постоење на мирни води кои траги оставиле на ѕидот. Врз основа на испуканиот глиновит материјал и евидентираните правилно поставени коски од животни (срњача) може да се заклучи дека на овој простор подолг временски период немало подземни води.
На исток од влезниот дел има поголем пештерски слив, со пречник околу 15 м кој е формиран врз сурнат картест материјал и истиот прави препрека на пештерското проширување. На север од пештерскиот слив има пукнатина која продолжува во верикален пештерски канал со длабочина од 12 м.
Пропаста Јасика, според хидрогенетската класификација, претставува карстна пропаст. Настаната е под дејство на карстната ерозија и механичкото уривање помогнато од атмосферската вода која понира долж пукнатините и под дејство на Земјината тежа се пробива кон внатрешноста на карбонатните маси. На својот пат таа ги раствора карпите долж пукнатините и на тој начин се нарушила нивната стабилност. Повлатните слоеви се сурнуваат и ја формираат морфологијата на пропаста. Процесот на акумулација се забележува кај пештерските украси кои се застапени на рабните делови од пропаста (бидејќи целиот средишен дел е зафатен со процесот на сурнување) и во нејзините најниски делови. Пештерските украси се претставени со сталактити, сталагмити, маркантни пештерски столбови, драперии, пештерски сливови и каскарно поставени травертински басени исполнети со вода. Бојата на украсите е жолтеникава, бела, сива и црна.

Намена на пропаста. При утврдување на употребната вредност или намената на пропаста Јасика е користена класификацијата за намена на спелеолошките објекти од Студијата за заштита на природното наследсво за Просторниот план на Република Македнија (1999). Истата може да биде: научно-истражувачка, студиско-демонстративна, образовно-воспитна, културна, рекреативна, еколошка и стопанска.
Научно-истражувачка намена имаат објектите или подрачјата кои служат за научно истражување на неживата природа и нејзините процеси. Од геоморфолошки аспект ваква намена пропаста Јасика веќе има бидејќи се вршат истражувања за постанокот, еволуцијата и староста на објектот, како и проучување на акумулативните форми (форма, големина, боја). Од особено значење е следење на микро климатските карактеристики (температура на воздух, влажност на воздух, струење на воздух) и нивно влијание врз формирање на објектот. Во археолошки поглед посебно внимание предизвикуваат пронајдените коски од човек чија обработка е во тек.
Студиско-демонстративната намена се однесува за објект кој служи како нагледен пример за некоја природна појава или процес (пример за високо образование). Пропаста Јасика може да има ваква намена бидејќи претставува ученички пример за формирање на пропаст со сурнување на карпест материјал од таванот, а и пештерските украси претставуваат репрезентативен материјал за подземни акумулативни форми.
Образовно-воспитна намена имаат објектите кои се нагледни, односно може да служат за запознавање на природата и нејзините законитости (за училишта од понизок степен) и се наменети за посета на широката јавност. Амбиенталниот пејсаж на околината на пропаста, лесната пристапност, височината на пештерските канали, пештерските украси и нивниот колорит овозможуваат на пропаста Јасика да има ваква намена.
Рекреативна намена имаат објектите или подрачјата кои се погодни за одмор и разонода во природа. Пропаста претставува одлично вежбалиште за спелеолозите кои изведуваат вежбовни активности (спелеолошки техники на спуштање и качување во вертикални канали). Секако дека рекреативна намена пропаста може да има и за пошироката јавност доколку истата се адаптира за прифаќање на поголема маса луѓе.
Еколошка намена имаат локалитетите кои претставуваат прибежиште (рефугиум) за загрозени растителни и животински видови. Во пропаста е констатирана пештерска фауна, делумно истражена и документирана, но за утврдување на еколошката намена потребни се дополнителни научни истражувања.
Стопанска намена може да има одреден локалитет доколку не е во спротивност со заштитата. Тоа е една од можните примарни стопански дејности (туризам). Пропаста бидејќи има добра пристапност, инфраструктура во близина на влезот (електрични водови), поголеми димензии на пештерските канали, пештерски украси различни по форма, големина и боја, пејзажно-амбиентални мотиви на надворешниот простор може да има стопанска, односно спелео-туристичка намена. Сепак за ваква намена потребни се мали инфраструктурни зафати кои се однесуваат на поставување скали на влезниот дел, уредување на туристичка патека во внатрешноста на пропаста, поставување на електрично осветлување, адаптирање на околината на пропаста за прифаќање на туристи и сл.

Литература

ИД "Урсус спелеос"-Скопје: Податоци за скица
Јанчевски Ј., Галбов К., Темкова В. (1984): Толкувач на листот Скопје (к 34-79). Основна геолошка карта (1:100 000), стр. 1-57, Белград.
ЈППУП (1999): Студија за заштита на природното наследсво за Просторниот план на Република Македнија, стр. 1-210, Скопје.

Труд изваден од "Билтен за физичка географија"
Текст м-р Билјана Гичевски

 
 
 
Ursus Speleos 2010 Сите права задржани