Споменикот на природа „Слатински Извор“ е лоциран во западните делови на Република Македонија, во Поречкиот Басен (сл. 1). Западно се падините на планината Песјак (Јошков Камен, 1917 m), а на исток е планината Даутица (2178 m). Заштитеното подрачје е во сливот на Слатинска Река, лева притока на река Треска.

Границите на споменикот на природа „Слатински Извор“ се: влив на Слатинска Река во Треска, на запад границата се протега по северните падини на ридовите Кале (664 m) и Гребенец (722 m) и се спушта до Маркоска Река. Оттука се протега во северозападен правец по источните падини на Габер, навлегува во долината на Крушеска Река и води на север по безимен дол, до почетокот на неговото формирање. Потоа границата го менува правецот и води на исток кон месноста Трноец, сече колски пат и избива на кота 751 m. Понатаму се спушта на колски пат и продолжува да води во источен правец до месноста Крстови, каде скршнува на североисток и избива на кота 748 m. Одовде се спушта на колски пат и се протега во источен правец по сртот на Баба и избива на кота 713 m, па се протега на југ до крајот на сртот на Баба, свртува на исток и се спушта до дното на левиот брег на реката Треска. Тука границата го менува правецот и води кон југ, каде завршува на почетната точка на вливот на Слатинска Река во Треска (сл. 2).