Почетна
За нас
Членови
Проекти
Туризам
Линкови
 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

назад

     Пештера ОВЧАРСКА

 

Пештерата се наоѓа во непосредна близина на пештерите Горна Слатинска и Слатинска II. Влезот на пештерата е на надморска височина од 580 м и експониран кон северозапад. Пештерата е изградена во доломитски мермери со прекамбриумска старост.
Првични податоци за оваа пештера изнесува Јовановиќ (1928). Тој пештерата ја именува како II Слатинска Пештера, но бидејќи локалното население ја знае како Овчарска Пештера во натамошниот текст е користено ова име. Податоците кои ги изнесува Јовановиќ се однесуваат само на влезниот дел и првата пештерска сала.


Морфометриски карактеристики. Влезот на Овчарска Пештера наликува на подкапина бидејќи изгледа како да е полиран со корозивното дејство на атмосферската вода и има благо вдлабната форма. Димензиите се 8 x 7 м. До "правиот" влез на пештерата се стигнува преку отсек висок 1 м. Неговите димензии се 1.6 x 4.5 м. Отворот е предиспониран со вертикална пукнатина и има изглед на триагилник, издолжен во горниот дел на пукнатината.
Првата пештерска сала има приближно кружна форма со димензии 13 x 8.5 м и височина од 4.5 м. Во почетниот дел има два оџаци кои меѓу себе комуницираат.
Преминот кон втората сала (спелеолозите Михаил Октавијан Киуиа, Оливер Гичевски, Цветан Богески и Драган Брушковски го извршија откривањето и првичното истражувањето на новиот дел од пештерата) е со мали димензии 1.5 x 0.5 м. Таа има приближно кружна форма со димензии 10 x 13 м и максимална височина од 6 м. До овде пештерата има ориентација кон северозапад. Подот на двете сали на места е покриен со карпест материјал сурнат од таванот и почвен материјал донесен од надворешноста. Наклонот на подот е околу 10. Овде пештерскиот
канал скршнува кон запад, и потоа повторно е ориентиран кон северозапад. Кај т. 9 има две пукнатини кои по се изгледа водат кон пониското ниво. Од т. 10 па до крајот на првото ниво, пештерскиот канал е со мала висина 1 - 1.5 м. Кај т. 14 има пукнатина со димензии 2 x 1 м која ги поврзува горното и долното ниво на пештерата. Длабочината на пукнатината е 14 м.
Еден дел од долното, пониско ниво на пештерата го има истиот правец на протегање како и горното ниво и тоа делот кај кој се забележуваат траги од подземен воден тек (т. 10 - 15А). Наклонот е голем и има вредност од 30 (т. 16 - 15Б). Кај т. 17 пештерата се разгранува на три канали.
Првиот канал (т. 17C - 20C) претатавува помала кружна сала со димензии 4.5 x 8 м и височина од 5.5 м. Тука е евидентиран материјал од керамика и коски кој најверојатно е донесен од подземен воден тек.
Вториот пештерски канал (т. 17D - 26D) има правец исток - североисток. Максималната широчина е 2 м, а височината е 1 - 1.5 м. Подот е зарамнет, а наклонот е мал со вредност од 3. Вкупната должина на каналот изнесува 67 м.
Третиот пештерски канал (т. 17 - 29) е со ориентација кон југозапад, па кон југоисток, за да потоа се разграни на два краци и едниот добие правец кон југ, а другиот кон север. Низ целиот канал има надоврзување на пештерски сали кои меѓу себе се одвоени со отсеци. Височината на таванскиот дел е над 2 м, а максималната височина е 11.5 м. Кај каналот особено се издвојува делот 24 - 27Е каде има пештерското езеро и поголем број на маркантни акумулативни форми. Вкупната должина на овој пештерски канал е 80 м.
Вкупната должина на пештерските канали на Овчарска Пештера е 268 м, а висинската разлика меѓу највисоката и најниската точка на пештерата е 28 м.


Хидролошки карактеристики. Горното ниво на Овчарска Пештера е надвор од карстно - хидрографска функција. Само кај долното ниво има една поголема локва (езеро) чие ниво осцилира во зависност од врнежите. Димензиите се 4 x 1 м, а длабочината 0.5 м. Над нивото на локвата има сливови преку кои водата се сливала и ја полнела вдлабнатината. Измерената температура на водата (30.3.2006) изнесуваше 11C.
На повеќе места во пештерата има траги од дејство на речна ерозија. На горното ниво од т. 10 - 15А се забележува фосилизирано речно корито, чие дно е зарамнето и карстифицирано. На височина од 0.5 м има зачувано траги од речна тераса. Доказ за сливање на вода од повисокото кон пониското ниво е пештерскиот столб кој го следи вертикалниот канал кој ги поврзува двете нивоа (т. 14 - 15) и на кој се имаат формирано сливови. Потврда за течење на некогашен подземен водотек може да претставува и керамиката која е пронајдена кај т. 9 (горно ниво) и кај каналот 17C- 20C (долно ниво). Имено парчињата керамика само со помош на подземен воден тек можеле да бидат донесени во пониското ниво. Податоците добиени од скицирањето говорат дека горното (т. 9) и долното ниво (т. 20C) од пештерата се едно над друго. За да се докаже нивната поврзаност потребно е ископување, но претходно треба да се извршат археолошки испитувања. Исто така на дел од таванот на пештерската сала од пониското ниво има конгломерат.
Траги од некогашна работа на подземен водотек се забележауваат и на пониското ниво. Тие се особено впечатливи кај каналот D кој е формиран со речна ерозија. Дното на речното корито е зарамнето, а речниот тек формирал и две поголеми меандри. Денес поголем дел од каналот е покриен со травертински басени, со максимална длабочина од 20 см.


Геоморфолошки карактеристики. Според генетската класификација Овчарска Пештера припаѓа на типот прави пештери. Според разгранетоста на пештерските канали се вбројува во групата на сложени пештери бидејќи пештерските канали се распространети на две нивоа.
Пештерските канали наизменично се сменуваат во конформни и инверзни. Акумулативните подземни карстни форми повеќе се застапени кај пониското ниво. На горното ниво се претставени со мал број на сталактити, сталагмити и пештерски столбови со мали димензии. Најмаркантните облици се наоѓаат на долното ниво и се претставени со сталактити, сталагмити, столбови, драперии, сливови и травертински басени. Најголем пештерски столбови, со висина од 14 м, се наоѓа кај вертикалниот канал кој ги поврзува двете нивоа. До него има сталагмит со височина од 7 м. Најголем дел од акумулативните форми се фосилни. Кај нив преовладува црната боја, а застапени се и црвеникава, жолтеникава и бела боја.


Постанок на пештерата. Јовановиќ (1928) наведува дека Слатинските пештери се формирани во глацијалниот период Вирм. Како доказ за истиот период на настанување може да послужат и трагите од речна тераса, на горното ниво, на височина од 0.5 м кои се зачувани и кај пештерата Горна Слатинска. Долното ниво на оваа пештера е создадено подоцна, со пробивање на водата од подземниот водотек од повисокото ниво. По се изгледа водата од подземниот водотек прво ја има формирано пропаста кај т. 9, а подоцна е создадена пропаста кај т. 14 со проширување на пукнатината. Подоцна врз формирањето значаен фактор претставувал и сурнувањето на таванскиот дел.


Останати карактеристики. Надворешните температурни влијанија се особено изразени во влезниот дел на пештерата како резултат на димензиите на влезот. Кај пониското ниво има константна температура од 12C што значи дека ова ниво не е под влијание на надворешните температури.
Во поглед на рецентната фауната може да се каже дека истата е многу слична кај трите Слатински пештери. Троглофилите се претставени со
Lithobius sp., а троглоксените со Rhinolophus hipposideros, Rhinolophus sp.  (Христовски-во ракопис).
Оваа пештера е интересна и по пронајдениот материјал од керамика и коски, на двете нивоа (т. 9 на повисоко ниво и каналот 17C - 20C на пониско ниво). За утврдување на нивната старост потребни се археолошки испитувања.

 

 
 
 
Ursus Speleos 2010 Сите права задржани