Слатински Извор

Локација

Пештерата Слатински Извор се наоѓа од левата долинска страна на Слатинска Река, на околу 100 m пред нејзиниот влив во река Треска. Влезот е на надморска височина од 495 m.

Морфометрија на пештерата

Пештерата Слатински Извор има два влеза  меѓу себе оддалечени околу 10 m. Првиот има ширина 1 m и височина 0,7 m и од него истекува изворот Слатински Извор. Вториот е сув и е со ширина 0,5 m и височина 0,4 m.

Пештерските канали се ориентирани кон северозапад и се распоредени на едно ниво. Нивната форма и големина се условени од пукнатините кои биле проширени со подземните води. Всушност пештерските канали припаѓаат на пукнатински или кањонски канали. Првите се формирани долж вертикални или накосени пукнатини и истите се прави, тесни и на места со поголема височина. Вторите се тесни и кривоидни, предиспонирани од накосени пукнатини или пак подземниот воден тек се има пробиено низ матичната карпа. Генерално ширината на пештерските канали е 1-3 m, со поголема височина (5-10 m) на места каде има вертикални пукнатини. На некои места тие се речиси непроодни поради пештерските украси кои ги имаат скоро затворено. Најголемата пештерска сала е т.н. Голема сала, на околу 650 m од влезотна пештерта. Нејзината должина е 55 m, најголемата широчина 25 m и најголемата височина 15 m (Колчаковски & Алоски, 1984). Останатите пештерски сали се со помали димензии (3-5 m должина, 2-3 m широчина и различна височина во зависност од поставеноста на пукнатините), чија заедничка карактеристика се сурнатите карпести блокови на подот. Вкупната должина на пештерата Слатински Извор изнесува 3932 m (Carlin, 2003). Според поставеноста на пештерските канали (Palmer,1991) пештерата припаѓа на групата разгранети пештери 

Хидрографски карактеристики на пештерата

Пештерата Слатински Извор е изворска пештера. Низ дел од пештерските канали тече подземен речен тек. Речното корито е всечено во песокливо-глинести седименти и истото е со широчина од 0,75 m (влезен дел на пештера) до 2,1 m (800 m од влез на пештера).На околу 1150 m, 1650 m и 2300m од влезот на пештерата, во три споредни канали, широчината на речното корито е 0,5 m, 0,6 m и 1 m, соодветно. При анализа на протокот на вода низ пештерата е евидентирано дека истиот зависи од хидролошката состојба на површинските речни текови (Крушеска, Маркоска и Слатинска Река), односно од врнежите. Така за време на влажниот период од годината кога водостојот на површинските текови е висок и водостојот во подземниот речен тек е висок. Тогаш може да настане и излевање на водата од речното корито, за што доказ се глинестите возвишенија од двете страни на коритото. Во овие периоди влегувањето во пештерата е можно само со нуркање. Спротивно, во сувиот период од годината водостојот на подземниот речен тек е понизок.

Евидентирано е дека дел од водата од подземниот речен тек се губи или во речниот нанос или во помали споредни пештерски канали. Притоа, во летниот период од годината кога низ пештерата протекува помало количество на вода, во подземниот речен тек вода има само до околу 30 m од влезот на пештерата. Тогаш и изворот Слатински Извор пресушува.

На околу 1500 m од влезот на пештерата има пештерско езеро чие ниво осцилира во зависност од приливот на вода.

Морфогенеза на пештерата

Поставеноста на пештерските канали и микро релјефните форми во пештерата (нивна ориентација и големина) може да дадат приближна слика за потеклото и еволуцијата на пештерата. Така пештерата Слатински Извор има т.н. понорско прихранување, а само еден дел од пештерските канали се формирани со поплавни води.

Докази за понорското прихранување, односно за формирање на пештерските канали со речен тек кој потекнува од површински водотек, а кој навлегува во внатрешноста на карбонатните маси преку понор се: разгранетиот тип на пештерски канали, евидентираните кањонски канали, микро формите чинии, речните седименти и пештерските украси формирани од вода прокапница. Дополнителен доказ за постоење и подземен речен тек и во геолошкото минато се трагите од ниво на воден хоризонт кои на пештерските ѕидови се на височина од 0,9 m и 0,13 m од подот. Меѓу двете нивоа се евидентирани форми чинии кои настануваат со вртложна ерозија од подземни текови. Нивната должината е 7 cm. Овие податоци покажуваaт дека некогашниот речен тек бил со поголема брзина на движење отколку денешниот. Извршеното хидрогеолошко трасирање е дополнителен доказ за понорското прихранување на пештерата Слатински Извор.

Дел од пештерските канали се формирани со поплавни води. За тоа говорат микроформите тавански џебови, тавански канали и лавиринт од тавански канали, како и седиментите со различна големина и дел од таваните кои се предиспонирани со пукнатини. Таванските џебови се застапени на таванот каде се вкрстуваат повеќе пукнатини. Нивната големина е приближно еднаква. На места каде висината на таванот е мала се евидентирани тавански каналии лавиринт од тавански канали. Овие форми настануваат во канали кои биле исполнети со седименти, притоа водениот тек движејќи се над нив имал силен притисок врз карпата и на тој начин ги формирал овие форми (Slabe, 1995). Сурнатите блокови во пештерските проширувања се доказ за механичката ерозија, но воедно и ја отежнуваат реконструкцијата на минатото на пештерата.

Пештерски седименти

Седиментите кои се застапени во пештерата се карактеристични за активна речна пештера. Тие се претставени со алохтон и автохтон материјал. Најголеми пештерски седименти се карпестите блокови кои се сурнати од таванот на пештерата како резултат на ерозија или тектонски движења.Тие се наоѓаат во речиси секое поголемо пештерско проширување, но најизразени се на околу 800 m од влезот на пештерата, во Големата сала. Нивната тежина е поголема од 1 t, должината е од 10-12 m, а ширината од 4-5 m. Во коритото на подземниот речен тек има песоклив материјал составен од кварц, мусковит и мали парчиња на кварц-серицитски шкрилци. Нивните зрна се поголеми од 1.5 mm. Потеклото на овој материјал е од некарбонатни терени (Колчаковски & Алоски, 1984), а во пештерата се внесени од алогениот речен тек. Од влезот на пештерата до околу 500 m во внатрешноста доминантно се застапени песоци и глини со големината на зрна до 0.2 mm. На неколку места, од двете страни на речното корито, има глинести возвишенија кои се формирани во услови на поплави.

Пештерските украси се посебен вид седименти. Применета е класификацијата на Palmer (2007) според која пештерските украси се поделени во зависност од природата на водата која ги формирала, вклучувајќи ја нивната форма и начинот на формирање. Во групата басенски седименти припаѓаат травертински басени и камени полици. Травертинските басени се груби и порозни форми од калцит. Формирани се на рабовите од пештерските басени, а со вода се полнат од вода прокапница. Камените полици сепештерски украси од калцит кои се формирани на брегот на пештерските басени. Тие се индикатор за нивото на водата во пештерските басени од минатото (Hill &Forti, 1997) бидејќи се формираат непосредно над водното ниво. Дебелината на камените полици во пештерата е неколку сантиметри и се со бела бојадо жолта боја. Месечевите камени полици  се подтип на камените полици. Тие се кружни пештерски украси чии испакнати делови укажуваат на местата каде водата течела во плитките басени со стоечка, мирна вода.

Украсите формирани од вода прокапница или вода што тече ја сочинуваат сталактити, цевчести сталактити, сталагмити, столбови и драперии. Тие се формирани долж пукнатини по таванот и ѕидовите или на подот од пештерата. Застапени се низ целата пештера. Истражувањата покажуваат дека овие украси се активни и се формираат дури и во сувиот период од годината. Ова покажува дека во карбонатната маса над пештерата има резерви на вода кои се дополнуваат во влажниот период од годината, со врнежи или со топење на снегот. Бојата на оваа група украси е претежно бела, па потоа црвена и жолта.

Хелектитите се претставници на украсите кои настануваат од капиларна вода. Тие немаат вертикална ориентација, туку се со неправилна, искривена, ексцентрична форма. Овие украси се формирани на таванот од пештерата или на веќе формирани сталактити, на места каде има изразено струење на воздух. Тие се со бела боја.

Украсите кои се настанати со процесот на евапорација се претставени со пештерски корали и корални сталактити. Пештерските корали се мали тркалезни украси кои наликуваат на карфиол. Евидентираните корали припаѓаат на типот подводни корали, формирани во некогашните пештерски басени. Коралите кои се лоцирани под камените полици имаат белузлава боја, а оние кои се во фосилниот речен тек од 1500-1700 m во пештерата се со кафена боја. Највпечатливи украси во пештерата претставуваат крушковидните или коралните сталактити. Пештерата Слатински Извор е единствената пештера во Република Македонија во која се евидентирани ваков вид украси. Тие настануваат кога веќе формираните сталактити ќе се најдат под вода во пештерските басени и кога на нивниот врв се таложи калцит и притоа се формира нов украс со топчеста форма (Hill &Forti, 1997). Всушност станува збор за два вида на украси: сталактити врз кои подоцна се формираат подводни корали. Овие украси се наоѓаат на околу 2 km од влезот на пештерата и се со кафена боја.

Значење на пештерата

Пештерата Слатински Извор е единствената пештера од Република Македонија која се наоѓа на Привремената листа на УНЕСКО.

Поради геоморфолошките и биолошките особености на пештерата истата е прогласена за заштитено подрачје со категорија Споменик на природа (сл. весник бр. 23 од 24.02.2011). Притоа во зоната на строга заштита припаѓа пештерата, а во заштитениот појас припаѓа пошироката надворешна околина на пештерата. Улогата на заштитениот појас е да ја заштити зоната на строга заштита од заканите кои потекнуваат надвор од подрачјето на природното наследство.

По применетата категоризација на Колчаковски (1993) заснована според природните компоненти (локација, должина на пештера, морфологија на пештерски канали, хидрографски особености, пештерски украси, рецентна фауна, палеонтолошки наоди) пештерата Слатински Извор припаѓа на највисоката категорија - природни реткости (Петреска, 2008). Врз основа на извршената категоризација може да се утврди и намената на пештерата. Така, користејќи ја класификацијата за намена на спелеолошките објекти од Студијата за заштита на природното наследство за Просторниот план на Република Македонија (1999) пештерата Слатински Извор може да има: научно-истражувачка, студиско-демонстративна и еколошка намена (Петреска, 2007).

Галерија 1

Галерија 2