Горна Слатинска

Локација

Пештерата Горна Слатинска се наоѓа од левата долинска страна на Крушеска Река, на ридот Баба. Има два влеза, од кои едниот е на 591 m н.в., а другиот 579 m.

Морфометрија на пештерата

Пештерата претставува тунелска пештера. Влезот на пештерата е предиспониран со пукнатина која има формирано два влеза. Димензиите на првиот се 0.6x0.8 m, а на другиот 1.8x0.6 m.Главниот пештерски канал е едноставен и има правец на протегање исток-североисток-југ.На четири места кон него се надоврзуваат помали пештерски канали, од кои два се на пониско пештерско ниво. Низ целата должина на каналите височината на таванот се движи од 0.8-4 m, а нивната широчина е од 1-3 m. Главниот канал завршува со отвор кон површината на земјата со димензии 0.9x0.6 m. Вкупната должина на пештерските канали е 336m. Пештерата таа припаѓа нагрупата разгранети пештери (Palmer, 1991).

Морфогенеза на пештерата

Пештерата Горна Слатинска е фосилна речна пештера со јасни траги од некогашен подземен тек,претставени со зарамнето речно корито со вертикални страни, меандра и речна тераса (Петреска, 2007).

Во пештерата се евидентирани неколку пештерски микро релјефни форми, како: чинии, тавански џебови, лончиња, прозорци,ниво на воден хоризонт и пештерски остенок (Гичевски, 2012). Чиниите обично се јавуваат во групи, вдлабнати во пештерските ѕидови. Нивната должина е од 3-7 cm. Сите евидентирани тавански џебови се наоѓаат на таванот и се предиспонирани со една или повеќе пукнатини. Тие се застапени во групи (од 3-4 во група), особено во повисокото пештерско ниво. Тие имаат различни големини. Обично нивниот дијаметар е од 5-40 cm, а длабоки се од 3-30 cm.Лончињата кои се евидентирани денес не се активни, но претставуваат доказ дека во минатотоимало тек со голем волумен на вода (Ford 1965). Најчесто се застапени поединечни лончиња, но има и линиски подредени во групи.Доминираат лончиња чии страни се вертикални, но има и такви сосферна површина. Нивната површина е речиси мазна, а дното е исполнето со покрупен песоклив материјал од некогашниот подземен речентек кој течел низ пештерскиот канал. Најзастапени се лончиња чиј дијаметар е поголем во споредба со нивната длабочина. Лонче со најголем измерен дијаметар е од 23 cm чија длабочина е 7 cm, а лонче сонајголема длабочина е од 20 cm чиј дијаметар е 20 cm.Во пештерата има три прозори, сите формирани на повисокото пештерско ниво. Овие форми се забележани и од страна на Jovanovič (1928)кој смета дека се остатоци од сифони.Ниво на воден хоризонте евидентиран на височина од 0.75 m од дното на некогашното речно корито. Оваа релјефна форма е изразена речиси по целиот пештерски канал од повисокото пештерско ниво.Од горе наведените микро релјефни форми (вид на релјефна форма, големина на релјефна форма и нејзина местоположба во пештерскиот канал) се изнесува заклучокот дека пештерата Горна Слатинска е формирана во епифреатска зона, со подземен тек чија брзина е поголема отколку вофреатската зона. Брзите текови транспортирале песок и чакал кои денес сезабележуваат само кај микро формите - лончиња. Кај сите анализирани пештерски микро форми доминантен процес во нивното формирање е корозијата, со исклучок на лончињата кај кои се доминантни механичката ерозија и корозијата.

Според Jovanovič (1928) пештерата е формирана за време на глацијалниот период Вирм. Според него Слатинска Река својата долина ја има всечено во неогената површ на ридот Баба (751 m), што значи дека е помлада од неоген. На височина на пештерата, во долината на река Треска има ´ртеста тераса, а кај селото Горна Белица (покрај река Белешница) има широка чакалеста и бигровита флувиоглацијална тераса, за која е утврдено дека одговара на глацијалниот период Вирм. Врзувајќи ги овие две нивоа може да се каже дека главниот пештерски ходник е исто добен со флувиоглацијалните вирмски тераси. Пониското ниво од пештерата е помладо и одговара на всекувањето на долината после глацијалот Вирм.

Пештерски седименти

Во пештерата може да се евидентираат само пештерски украси. Според природата (условите) во кои тие се формирале (Palmer 2007) припаѓаат на три групи. Најбројните украси припаѓаат во групата на украси формирани од вода што тече или капе, а такви се: сталактити, сталагмити и    пештерски столбови. Во втората група припаѓаат украсите welts кои се формирани од капиларна вода поради фрактурите во украсите. Во групата басенски седименти припаѓаат травертинските басени кои со вода се полнат после обилни врнежи. Голем дел од висечките украси се искршени од посетителите кои во минатото влегувале во пештерата.

Значење на пештерата

Пештерата Горна Слатинска во 1953 год. е прогласена за заштитено подрачје во категоријата споменик на природа (Решение бр. 101 од 1953 година), од страна на Републички завод за заштита на спомениците на културата.

Пештерата според извршената категоризација на Колчаковски (1993) припаѓала на категоријата забележителни пештери. Но новите истражувања кои се однесуваат на рецентната пештерска фауна, евидентирање на два споредни канали кои се протегаат под нивото на главниот пештерски канал и присутност на травертински басени кои со вода се полнат после врнежи пештерата е поместена во категоријата особено значајни пештери (Гичевски, 2008). Од тука намената на пештерата според Студијата за заштита на природното наследство за Просторниот план на Република Македонија (1999) може да биде: научно-истражувачка, студиско-демонстративна, образовно-воспитна, рекреативна и стопанска (Петреска, 2007).

Галерија 1

Галерија 2

Галерија 3