Слатинска II

Локација

Пештерата Слатинска II се наоѓа од левата долинска страна на Слатинска Река, на надморска височина од 589 m, и 33 m над речното корито. Влезот на пештерата е оддалечен 74 m од излезот на пештерата Горна Слатинска.

Морфометрија на пештерата

Влезот на пештерата е предиспониран со дијаклаза. Неговите димензии се: 0.6x1.8 m. Главниот пештерски канал  е предиспониран со пукнатина и има правец на протегање кон североисток. Неговата широчина е 1-2 m, а височината на таванот е 1-4 m. Само на две места, каде се сечат повеќе пукнатини, има поголеми проширувања од 2.5-3 m и височина околу 3m. На околу 10 m од влезот има пештерски канал кој се двоиод главниот канал и повторно се надоврзува на истиот. Неговата ширина е околу 1 m, а височината од 0.8-2.5 m. Вкупната должина на пештерските канали на пештерата Слатинска II е 126 m. Според пештерските одлики (Palmer 1991) пештерата претставува едноставна лавиринтска пештера каде пештерските канали се пресекуваат.

Морфогенеза на пештерата

Во пештерата се евидентирани микро формите чинии чија должина е од 3-7 cm. Нивната позиција индицира дека тие се формирани од воден тек кој се движел од влезот на пештерата кон внатрешноста. На таванот, вдолж пукнатини, се забележани осамени тавански џебови. Најмалиот тавански џеб има дијаметар од 3 cm и приближно иста длабочина, додека најголемиот е со дијаметар од 80 cm и длабочина од 30 cm. Анализираните пештерски микро форми, приближно истата надморска височина на влезовите меѓу оваа пештера и пештерата Горна Слатинска посочуваат дека и двете пештери се формирана на истиот начин како и во истиот временски период (Вирм). Пештерските седименти се претставени со пештерски украси формирани со вода што капе и вода што тече. Украсите се претставени со сталактити, сталагмити, пештерски столбови и корали. Нивната боја е бела, жолта, црвена до црна. Тие се карактеристични само за крајните делови од пештерскиот канал.

Значење на пештерата

Извршената категоризација, според методологијата на Колчаковски (1993), пештерата Слатинска II ја вбројува во групата особено значајни пештери (Гичевски, 2008). Од тука намената на пештерата според Студијата за заштита на природното наследство за Просторниот план на Република Македонија (1999) може да биде: научно-истражувачка, студиско-демонстративнаи еколошка намена (Петреска, 2007).

Галерија 1