Пурало

Локација

Пештерата Пурало се наоѓа од левата долинска страна на Маркоска Река. Влезот е на 575 m надморска височина, околу 10 m над речното корито на реката, на пешачката патека од Средно Маало до Маалото Марковци.

Морфометрија на пештерата

Влезот и влезниот дел на пештерата се формирани долж пукнатина и се со димензии 1x0.5 m. Пештерските канали се на две нивоа. Повисокото ниво има правец кон североисток и е до лолжина од 22 m. Во крајниот дел од каналот има помала сала со широчина 6-7 m и височина 1.6 m. На дното има пукнатина со димензии 2x1 m и длабочина од 11 m која ги поврзува двете пештерски нивоа.

Пониското пештерско ниво е претставено со поголемо проширување, со димензии: 70 m должина, 13.5 m широчина и височина од 5.5-6.5m. Од тука два пештерски канали се разгрануваат со должина од 90 m, широчина од 2-6 m и височина до 2 m (Василески & Петреска, 2002). Истражувањата спроведени од ИД „Урсус спелеос“-Скопје и од словенечки и македонски спелеолози резултираа со истражување на нови канали кои имаат правец на протегање кон запад и должина околу 700 m. Вкупната должина на пештеските канали на пештерата Пурало е 1500 m. Пештерата Пурало припаѓа во групата разгранети пештери според класификацијата на Palmer 1991).

Хидрографски карактеристики на пештерата

Повисокото пештерско ниво е надвор од хидрографска функција. Во пониското пештерско ниво  има   два   периодични  водени   тека.   Едниот   речен   тек   е   под   речното  корито на површинскиот тек Маркоска Река, па најверојатно со вода се прихранува од овојтек. Вториот речен тек е во ново истражените пештерски канали. Речното корито е всечено во песок и глина и е со широчина околу 0.35 cm, додека најголемата измерена длабочина е 0.065 cm.

Пештерски седименти

Еродирани седиментни карпи се евидентирани на пониското пештерско ниво. Некои од сурнатите карпести блокови имаат димензии 3x3 m. Евидентиран е и конгломерат меѓу поголемите пукнатини, како на таванот така и на ѕидовите од пештерата. Околу речните корита на подземните текови е евидентиран песочен материјал, додека на подот на пештерата речиси секаде е присутна глина.

Пештерата Пурало е богата со пештерски украси. Има претставници на украси формирани од вода што капе (сталактити, сталагмити, столбови) и вода што тече (драперии, травертински басени). Пештерските украси претежно се во групи, формирани на места со повеќе пукнатини.

Значење на пештерата

Според извршената категоризација (Гичевски, 2008) пештерата Пурало припаѓа на највисоката категорија природна реткост. При оваа категоризација пештерата најмногу поени има добиено кај показателите морфологија на пештерски канали, хидрографски особености и пештерски украси. Според намената на спелеолошките објекти од Студијата за заштита на природното наследство за Просторниот план на Република Македонија (1999) пештерата може да има: научно-истражувачка, студиско-демонстративна, рекреативна и стопанска намена (Петреска, 2007).

Галерија 1