За нас
Членови
Пештери
Проекти
Туризам
Линкови
 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

назад

    

Проект: “Landscape Scale Conservation in the Prespa Lakes Basin - Transboundary Species and Habitat Conservation Action Plans”

Учесници:
Билјана Гичевски, Оливер Гичевски, Али Самет, Стојан Мишев
Локација:
Преспа - Р.Албанија  

ПАТЕПИС  

Тргневме од Скопје на 26.8.2010 во попладневните часови, нормално среќни и расположени зошто следниот ден треба да одиме во Преспанскиот регион на Албанија и за потребите на проектната активност “Landscape Scale Conservation in the Prespa Lakes Basin - Transboundary Species and Habitat Conservation Action Plans”, водена од страна на Македонско Еколошко Друштво-Скопје, да извршиме спелеолошки истражувања. Чудно но вистинито, Али Самет по подолго време седи зад воланот (читај не вози), до него Оливер Гичевски-да не е покусо па како потпретседател седи до претседникот и многу му е гајле што жена му Билјана Гичевски седи позади и постојано има нагони за повраќање од неконтролираниот чад од цигарите што постојано се пушат, а таа пак нема на кој да го исфрли гневот и постојано му се втурува на Столе Мишев кој седи до неа, зошто неможе на оние двајцана напред оти се на позиција. Заклучок: Лидерите уживаат,а членството пати.

Стража ја поминуваме и не застануваме зошто со нас нема деца кои кенкаат за мекица. Можеби Столе ќе кенкаше, ама беше зафатен со телефонските разговори кои постојано ги тераше со Диме - „Старо“ и Мите кои се во Дојран и се обидуваат да инсталираат интернет за да не им бил досаден одморот. Ама Интернет нема-нека објасни Диме кој е крив. Убавата вест по патот е дека на Калина и израсна првото запче, во чија чест вечерта и ќе шмркнеме по некое ракииче или пиво. Стигнуваме до Охрид и застануваме за да купиме плинско оти Али го заборавил дома, ама Марфиев закон-дури Биба си купува еурокремче заборава да купи плинско. И така возиме и возиме се дури не стигнуваме до Елешец кај Милка и Боро кои домаќински не пречекуваат со ракииче и мезе и нормално тераме муабети за Бојан зошто сака да биде дома сам (читај со Марија). Милка и Боро како добри домаќини ни даваат плинско и така среќни заминуваме кон планинарскиот дом под врвот Магаро за да преноќиме и следниот ден одморени да си ја тераме работата. Стигнуваме и секој со својата работа. Местиме за јадење, пијуцкаме постојано и ред е да спиеме. Чест има дамата да спие во комарник зошто господата ја видоа дека одма почна да бара бубачки по ќошињата. И така си легнавме сите ко сардини еден до друг, ама...... Али почнува да пцуе, Оли да прета со раце, а Столе се пика длабоко во вреќата, зошто неочекувано на толкава надморска височина има комарци. И така само Биба ужива во спиењето.

Сабајлето стануваме и кога Оли го нема како дел од дружината „Братско стебло“. Тој, кутриот бегајќи од комарците си легнал или седнал (не знаеме) во џипот и спие ли спие. Биба решава да прави кафе, а Али и Столе и даваат морална подршка. Како и да е го шмркнавме кафето и тргаме кон нашата цел-пештерите. На слегување од Галичица ни ѕвони Деспина од МЕД да види дали сме поминале граница, оти таков беше договорот да се чекаме во Долна Горица и да направиме план за истражување, а ние до граница уште пола саат. И така со мало подзабрзување стигнуваме до граница на Стење, а таму Деспина и Петре од Пустец си прават муабет со граничарите и нормално не чекаат нас. Ова значи дека границата ја поминавме за три минути.

И кога изненадувањето за сите четворица. Пред нас се отвораат убавините на Преспанското Езеро, разгранетата брегова линија, чистиот видик, убавите куќи на нашите од Преспа, не обзема чувство на душевен спокој и посакуваш да си постојано дел од оваа убавина. На сето ова, па и на првата куќа што наидовме се вееше нашето знаме на Вергина. Ги следиме нашите домаќини и застануваме во првото кафанче во Долна Горица за да пиеме турско кафе, ама меанџијата не предупредува дека прави само „македонско кафе“. Не обзема убаво чувство, сите зборуваат чист македонски јазик, сите се гостољубиви и сите сакаат да ти помогнат. Од Петре, кој носи во кесе едно поголемо крапче за некој пријател, добиваме информација дека кило тазе уловени плашки се ни помалку ни повеќе туку 50 ден. и нормално плаќањето е во денари. И така уз кафе паѓа договор Петре да не носи на Малото Преспанско Езеро, во близина на село Трен, за да ја истражиме пештерата Трени. Потоа на ред е островот Мал Град, па пештери околу с. Глобочени. Ама прво следи сместување. Ние од Скопје си земавме шатори зошто планиравме да спиеме некаде покрај езеро или пред некоја пештера, мислам дека ни самите немавме јасна претстава, ама Петре не дозволи да ја завршиме оваа авантура туку не смести во куќата на учителот во село Глобочени. А тој Учителот сите рекоа дека направил многу за нашите во Преспа, тој ги иницирал сите проекти кои се досега водени во Преспа, па така и својата куќа ја дал на располагање за овие проекти. И така влеговме во селото каде прво не пречекаа магариња, па после луѓе. Ова е вака зошто во Преспа има два пати повеќе магариња од нашинци. Во куќата не пречекаа Даниела од МЕД и Кристијан-синот на Деспна. А да, заборавив да ја опишам куќата, убајна. За да стигнеш до неа се качуваш на околу 30-ина скали и лево е куќата, а десно има тераса со два розеви леандра меѓу кои ти се отвора видик кон езерото. Дури тогаш сфатив зошто учителот имал јасна визија за овој крај.И така на брзина заминуваме кон Малото Преспанско Езеро, кон село Трени за да ја истражиме пештерата Трени. Со нас се Петре и Даниела. Пештерата навидум ништо посебно, ама ..... Столе се губи на некое време и се враќа од половина надолу жива вода, опс налетуваме на водена пештера. И ова е логично поради плиткиот издан, односто водата во пештерата е од надворешното езеро. Се спремаме за скицирање, фотографирање, фаќање забелешки, и така влегуваме во втората сала од пештерата кога таму страшен звук од лилјаци Една огромна колонија од лилјаци се вознемирува од нашето присуство, лилјаците почнуваат да летаат и добиваме по некој удар од крилјата. Чувство невидено, ти се чини дека се снима документарец или некој друг жарн-незнам одлучете сами. На ред е и второто изненадување Оли и Столе одат во друг воден канал и Столе се враќа со каиш и нормално му го поклонува на Али бидејќи неговиот си го заборавил дома. Ова беше делумно изненадување, најголемото изненадување е војничкиот сандук полн со женска чанта, ќебе и нешто друго. Ни прпка да го истраќиме целосно па одлучуваме да се скицира последниот канал а Али и Биба сандукот да го снимаат со камера. И по вториот обид Али го отвора сандукот, ја вади полуотворената чанта која е полна со некои дрангулии, гледаме сино ќебе и не облева миризба на барут, на гнило и пак прпка и одлучуваме да заминеме. Надвор ја раскажуваме приказната и Петре почнува да го јаде јанѕа и одлучува да оди со Столе да го извадат сандукот надвот. И трет обид неуспешен. Двајцата се враќаат со приказна дека во сандукот имало ќебе, и чанта полна со куран и кости собрани во капа, ама рацете им се празни. И тука настапува моментот на правење филмови за магии, за бегалци, дека сите не фатила магијата штом сме го отвориле сандукот, ама магијата најмногу му делува на Али оти си го опаши каишот за да не му паднат панталоните. И така приказната за магијата продолжува и понатака, а ние сме на пат за Пустец и островот Мал Град за да ги видиме пештерните цркви. Тука ни се придружува и Деспина со синчето. Пред возењето со чамец, малку одмор со пивце и идемо даље за исте паре. На Мал Град една поткапина не толку интересна, ама пештерната црква Св. Богороцица ни го задржа вниманието. И така по малку впивање на македонските убавини време е да заминеме ото Петре вечерта е на свадба, па мора детето да се дотера. Ние не толку изморени одлучуваме да ја видиме и пештерата Завер. Накратко ќе ви ја опишам внатрешноста на пештерата, ама не и моето чувство зошто нема да сакате да ја посетите оваа пештера никогаш. Пештерата е фасцинантна со големото езеро (со должина поголема од 30 метри) и со лилјаците кои се поголеми од оние во пештерата Трени, ама не и со карпестите блокови кои секој момент очекуваш дека ќе се лизнат и ќе те повлечат и тебе кон езерската длабочина. Излегуваме и доста е за денес. Време е за вечера. Се упатуваме кон селската чешма за да наполниме вода, зошто вода за пиење (од пред еден месец) има само во периодот од 7-8 часот сабајле и навечер. Чешмата залислете кој ја издејствувал-нормално Учителот. И да се вратам на случката, околу чешмата насобрани млади девојчиња, ама и по некоја баба. И Столе нормално и помага на една бабичка со полнење на неколкуте шишиња, а таа пак, да не пукне, веднаш го процени дека е дете на место и одма без двоумење му понбуди да оди на игранка вечерта и да такса некое наше девојче. Бре, бре, бре кај ли ќе заврши наш Столе. И така со шала со смеа за вечера одлучуваме да не јадеме конзерви, туку го прифаќаме предлогот на Деспина да јадеме тазе рипче во селкото кафанче, читај двор, на една куќа која нуди спокој длабоко во ноќта. За рибите да не правам муабет, треба само да се вкусат. И така веќе е касно цело село спие, а време е и ние тоа да го сториме зошто утре не чека нов ден.

Ѕвони алармот и време е за кафе на терасата со најубавиот видик. Нашата домаќинка Деспина ми го отстапува нејзиното место на клупата за да го впијам прекрасниот преспански видик (фала Деспина). И дури се спремаме за доручен доаѓа Васил за да не ноди во три пештери во близина на село Глобочан. Не чека чамец за да се возиме некои 20-ина минути и да учиваме во глетките на Голем Град, бреговата разгранетост на езерото, многуте птици и така секој си потонува во сопствената мисла. Стигнуваме до импозантната пештерна црква Св. Блаштојна која е целосно преградена со сув камен и е претворена во место каде монасите имале можност да бираат еден од трите спрата да се молат. Во непосредна близина има и друга помала пештера на која Столе многу амбициозно и се втури мислејќи дека ќе најде некои канали кои водат под езеро, ама тие пустите го однесоа до капими. Столе следниот пат - повеќе среќа. Се враќаме во чамецот и се упатуваме до пештерата која треба да е најдолга и е во непосредна близина на селото Глобочан, ама за жал испадна мала пештера изградена вдолж пукнатина. Пештерава може ќе биде туристичка за некои 1000 години кога ќе се продлабочи и ќе и пораснат украси. И така по малку разочарани од пештерава се враќаме на брегот. Сите заедно одиме кон кафанчето во Долна Горица зошто терба да се најдеме со Петре. Попатно застануваме на неколку места гледаме некои дупки и една ветува, ама следниот пат детално ќе ја истрачиме. Уз кафе добиваме покана да истражуваме некои пропасти со снег и здравје во септември се враќаме. Се збогуваме со нашите од Преспа и по малку натажени зошто се разделуваме од нашите пријатели и од убавините на Преспа си одиме кон граница за од убавиот сон не разбуди нашиот граничар со делењето совети дека треба старите шлемови да ги пријавуваме на граница. Ова значи: Добро дојдовте во Македонија. Óбавиот сон заврши, ама ќе му се навратиме повторно за кратко. 

Билјана Гичевски 

 

 
 
 
Ursus Speleos 2010 © Сите права задржани