Почетна
За нас
Членови
Проекти
Туризам
Линкови
 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

назад

     Пештера ПУРАЛО

 

На 14 км северно од Македонски Брод се наоѓа селската населба Слатина. Во нејзиниот атар досега се откриени 5 пештери од кои 3 се во фосилна, а 2 во рецентна состојба, во две се утврдени подземни водени текови, една од пештерите е уништена како резултат на несовесниот однос на човекот, додека другите ја имаат зачувано својата автентичност. Една од нив е пештерата позната под името Пурало која со своите особености може да се прилагоди за еко-спелеотуризам. Освен името кое го добила според легендата што населението ја создало уште од дамнина, останатите нејзини карактеристики како поволната географска положба, зачуваноста на спелеолошките акумулативни форми (сталактити и сталагмити), подземните постојани и периодични водени текови отвораат можност за развој на еко-туризам. Изнесените податоци во овој труд за прв пат се презентираат во научната јавност.


Географска положба. Пештерата Пурало се наоѓа од левата долинска страна на р. Треска, во долината на Слатинска Река, поточно во близина на составот на Марковска Река и Крушеска Река од чии води се формира текот на Слатинска Река. Отворот на пештерата се наоѓа на а.н.в. од 580 м, или околу р.в. од 30 м од левата страна на долинското дно на Марковска Река.
Пошироката пристапност на овој спелеолошки објект е мошне поволна во споредба со поголемиот број на пештери во Република Македонија. Самата пештера се наоѓа во атарот на с. Слатина (маало Марковци). Во близина на пештерата минува регионалниот пат Скопје-Македонски Брод-Кичево кој е делумно изграден, а делумно е во тек на изградба. Од Македонски Брод, како гравитационен центар на регионот, с. Слатина е оддалечено 14 км, а од споменатиот регионален пат до с. Слатина изграден е локален асфалтен пат во должина од 3,5 км.
Потесната пристапност на пештерата Пурало не е многу поволна. Од асфалтираниот пат во должина од околу 500 м постои пешачка патека, а од тука до отворот на пештерата има карпест отсек кој со помал напор може да се совлада.
Околниот простор е целосно пошумен со жбунеста вегетација чиј главен претставник е зелениката која пак од своја страна негативно влијае врз забележливоста на отворот од пештерата Пурало.

Морфологија на пештерата. Пештерата Пурало се вбројува во редот на правите пештери, во групата на речни пештери. Според разгранетоста на пештерските канали, пак, припаѓа на типот сложени пештери бидејќи се одликува со сложена разгранетост на каналите кои се распоредени на две нивоа.
Отворот на овој пештерата се наоѓа на а.н.в. од 580 м, или на околу 30 м р. в. над долинското дно од левата страна на Марковска Река. Истиот е многу мал: неговата широчина е 1 м, а височината е 0.5 м. Тој е предиспониран само со една дијаклаза поради што има облик на триаголник издолжен на горниот дел на пукнатината.
Влезниот дел ги има истите димензии како и отворот поради што го отежнува влегувањето. На овој потег чија должина изнесува околу 3 м подот е покриен со црвеница, а на таваницата не се забележуваат акумулативни облици. На 10 м од влезот е најголемата височина, која се јавува на првото ниво од пештерата и истата изнесува 1.6 м. Всушност, првото ниво на пештерата претставува едноставен пештерски канал со должина од 22 м и најголема широчина од 6-7 м. Ова ниво е надвор од карстно-хидрографска функција. Од 1999 година до денес кај оваа пештера и на овој дел водата прокапница се забележува само после силни и долготрајни врнежи и за време на топењето на снегот во текот на пролетта. Од акумулативните подземни облици се застапени сталактити, сталагмити и неколку пештерски столба, но нивните димензии не се многу впечатливи како резултат на малата височина на салата. Кај нив преовладува белата боја што укажува на чистината на карбонатните карпи. Завршетокот на ова прво ниво е претставен со непроодна пукнатина.
На 10-11 м од влезот на пештерата има пукнатина со димензии 2x1 м и истата продолжува во чиста вертикала со длабочина од 11 м.
Второто, пониско ниво започнува со пештерска сала ориентирана во правец С-СИ. На должина од околу 20 м целиот овој простор е препокриен со автохтони карпести блокови кои се сурнати од таваницата. Нивните димензии се поголеми од 3х3 м. Проодноста на овој простор е многу тешка како резултат на карпестите блокови и падот на подот кој се движи околу 25° кои го формираат истите. Таваницата која има височина од околу 5 м е сиромашна со украси. Единствено само на еден мал простор се забележува група од неколку помали сталактити.
Од точка 8 во правец ЈИ има друг пештерски канал со должина од 30 м, широчина 6-7 м и најголема височина од 3,8 м. Овој канал на крајот се разгранува на два помали канали: едниот во правец кон југ, а другиот кон исток. Вториот канал е исполнет со песок и шљунок кој е внесен од надворешниот дел, односно е алохтон. Во целиот овој канал се застапени само сталактити.
Од точка 8-10 е една од поголемите пештерски сали со должина од 20 м, широчина од 13.5 м и височина од 5.5 м. Правецот на ориентација е Ј-С. Во источниот дел од салата утврдено е рушење на карпести блокови од таваницата со помали димензии врз кои се има наталожено црвеница. Всушност, овие блокови салата ја делат на два дела.
Во источниот дел има богатство од акумулативни форми кои се претставени со: сталактити, сталагмити, пештерски столбови, драперии и каскади. Овие украси се најмаркантни од сите останати во овој објект. Како пример може да се споменат: шпагетата долга 230 см, двата столба со височина од 550 см, сталагмитот со пречник од околу 150 см, а забележлив е и сталагмитот кој на крајот се дела на два дела кои личат на два дигнати прста. Овде се забележуваат и поголем број на каскади кои со вода се полни во влажниот период од годината. За прв пат на 18.10.2002 година на овој дел е откриено и езерце со помаи димензии (3.5х1.8 м) кое е преградено со калциум карбонат и црвеница со што водата не може гравитациски да истече кон понискиот дел од салата. Западниот дел од салата е препознатлив по столбот во вид на безбол палка (215 см висок) по кој спелеолозите оваа сала ја имаат наречено 'Салата на безбол палка'.
Од точка 10-16 во правец С-СЗ има друга пештерска сала, со должина од 48 м и најголема височина од 6.5 м. Од точка 11-13 и од точка 13-16 како да има две вдлабнувања на подот. Всушност како резултат на сурнатите блокови од таваницата, во јужниот и во северниот дел од салата, се формирале возвишенија, а средишниот дел останал препокриен само со црвеница. Во оваа сала впечатливи се двата пештерски столба и многубројните сталактити, сталагмити, драперии и каскади. Кај сите овие форми преовладува белата боја која е карактеристика и за целата пештера.
На крајот од оваа сала пештерата се разгранува уште на два нови крака. Првиот е со правец С-СЗ, за да истиот се раздели на два други канали, и тоа едниот лактесто сврти кон С, а другиот има правец С-СИ. Нивната вкупна должина е околу 90 м, а широчината од 3 до 6 м и височина до 2 м. Од акумулативните форми многу малку се застапени сталактити распоредени во неколку групи со мала должина.
Помеѓу точките 16 и 21 се наоѓа последниот испитан пештерски канал со должина од 17 м, максимална широчина од 12 м и максимална височина од 9 м. Овој канал е ориентиран во правец С-СИ. Од спелеолошките формации застапени се само сталактити и сталагмити. Крајот на овој пештерски канал дава реални индиции за пробивање на нов отвор на пештерата Пурало бидејќи тој е затрупан со растерсит материјал.

Карсно-хидрографски одлики на пештерата. Во пештерата Пурало се констатирани два водени тека кои со својата механички и корозивни процеси допринеле за изградба на овој спелеолошки објект. Според хидролошкиот карактерор едниот има третман на постојан, а другиот на периодичен подземен водотек. И двата подземни водотека се наоѓаат во пониското ниво на пештерата.
Постојаниот воден тек се јавува во пештерскиот канал ориентиран во правец исток и има должина од 30 м, а широчината не е поголема од 1 м. На 9.2.2002 година измерена е температурата на водата од 3°C, а вредноста на pH 7.2, при температура на водата на Сатинска Река од 2.0°C и вредност на pH 7.6. Потеклото на постојаниот подземен водотек може да биде и од водите на Марковска и Крушевска Река, за што говори песокливиот и шљунковит материјал во самата пештера, како и малата температурна разлика на водата од двата речни текови и подземните водотеци од само 1,0 °С доволно зборуваат за непосредната врска меѓу истите.
Од левата страна на постојаниот подземен водотек во должина од 10 м придоаѓа повремен водотек чии води завршуваат во ист сифон. И во другите делови од пештерските канали се забележани траги на периодични водотеци кои меЃусебно се испрекинати или со блокови на сурнати таваници или пак нивните води се губат во песокливиот алохтон материјал. Вкупната должина на сите периодични водотеци изнесува 83 м, а на местата кои се достапни за испитување нивната широчина на речните корита изнесува не повеќе од 0.5 м, а длабочината од 0.1-0.2 м. За утврдување на врската помеѓу површинските и подземните води потребни се дополнителни истражувања.

Морфогенеза на пештерата. Пештерата Пурало претставува активна пештера. Настаната е со механичката и хемиската ерозија на подземните водотеци кои имаат постојан и периодичен карактер.
Тектониката одиграла значајна улога во изградбата на овој спелеолошки објект, за што ни говори раседот кој минува на овој простор и гоемата испуканост на карбонатните карпи.
Процесот на сурнување на таваницата исто така е еден од факторите кој го потпомогнал создавањето на пештерските канали. Сурнати блокови се сретнуваат во второто, пониско ниво на повеќе места.
Надополнување на процесот на сурнување на таваницата претставува и формирањето на подземните акумулативни карстни форми бидејќи со овие два процеса е овозможено преградување на иницијалниот пештерски канал и создавање на денешните пештерски сали.
Со оглед дека се наоѓаат подземни водени текови чии подземни врски сеуште не се утврдени пештерата Пурало сеуште се наоѓа во иницијална фаза.
 

 
 
 
Ursus Speleos 2010 © Сите права задржани