Почетна
За нас
Членови
Проекти
Туризам
Линкови
 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

назад

     Пропаст СРТ

 

Географска положба. Пропаста Срт се наоѓа од левата долинска страна на река Треска, во североисточните делови на планината Осој, во месноста Каурски Зеленик. Непосредната околина е обрасната со нискостеблеста деградирана вегетација претставена со даб, смрека, зеленика и др. Влезот на пропаста е на надморска височина од 960 м и има северна експозиција.

      

 Геолошка градба и тектоника. Билото на планината Осој е изградено од комплекс на рифеј-камбриски метаморфни карпи претставени со серија на разнивидни шкрилци, циполини и мермери и серија на плочести доломити и калцит-доломитски мермери. Серијата на разновидни шкрилци, циполини и мермери се најраспространети и истите ги претставуваат средишните делови од комплексот. Карпите од серијата плочести доломити и калцит-доломитски мермери градат изразита моноклинала со генерален пад кон северозапад. Подинските делови развиени се со постепен преод од постарите литолошки членови, додека кон младо-палеозојските творби односот е тектонски. Доломитите во однос на калцит-доломитските мермери преовладуваат. Истите се карактеризираат со сива местимично темно сива боја, ситнозрнеста структура и масивна текстура. Изградени се претежно од зрна на доломит со помала или поголема количина на прашкаста глиновита материја. Калцит-доломитските мермери макроскопски скоро и да не се разликуваат од претходните, бидејќи како по структурните, така и по текстурните карактеристики се слични. Само со микроскопска, односно хемиска анализа можат да се дефинираат одредувајќи ја содржината на калцитската компонента. Во средишните делови на моноклиналата се забележуваат покрупнозрнести вариетети кои минералошки преоѓаат во калцитски мермери, бидејќи доломитските зрна се јавуваат во мали количини (Јанчевски ет.ал, 1982).

      
Просторот во кој е лоцирана пропаста Срт во геотектонски поглед припаѓа на Пелагонискиот-хорст антиклинориум. Врз неговата текнонска градба влијание имале две главни орогени фази. Првата фаза ја претсатвува набирањето поврзано со регионалниот метаморфизам и структури, а алпската орогена фаза претставува втора тектонска етапа. Творбите на рифеј-камбрискиот комплекс кои трансгресивно лежат преку прекамбриските, во западните делови на Осој градат послабо изразена моноклинала, која во подрачјето на езерото Матка помеѓу два попречни раседи е интензивно нарушено со појава на помали антиклинали и синклинали. Радијалната тектоника е претставена со систем раседни структури со генерално протегање север-северозапад и северозапад (Јанчевски ет.ал, 1982). Планината Осој има изглед на греда, односно 'рт кој е пресечен со реката Треска и одделен од Водњанска Планина, поради спуштањето на Скопската котлина и раседнувањето во долината на Треска (Манаковиќ, 1968).

      
Морфолошки карактеристики. Влезот на пропаста Срт е формиран долж две попречни пукнатини поради што има приближно елипсоидна форма. Неговите димензии се 3x1.5 м. Од влезот кон внатрешноста на пропаста има речиси вертикален канал, со длабочина од 28 м. Истиот речиси на целата долина ги задржува димензиите како на влезниот дел. Овој канал на повеќе места е испресечен со пукнатини кои овозможиле со процесот на ерозија да се формираат помали странични проширувања. Вакви проширувања се карактеристични на 10 и 25 м од влезот на пропаста. Во продолжение каналот, во должина од 10 м, има наклон околу 30˚ како резултат на карпестите блокови кои имаат алохтоно и автохтоно потекло. Каналот, во правец кон југозапад, продолжува во поголема, издолжена пештерска сала чии димензии се: 15 м должина, 10 м широчина и околу 15 м максимална височина. Дното на пештерската сала е покриено со поголеми карпести блокови сурнати од таванскиот дел, поради што истото е нерамно. Салата завршува со непроодни пукнатини. Според морфолошките карактеристики пропаста Срт припаѓа на типот ѕвекари.

        
Акумулативните подземни карстни форми во пропаста се претставени со сталактити, сталагмити, пештерски корали, сливови, драперии. Сталактитите се формирани долж паралелен систем на пукнатини преку кои е овозможено непречена циркулација на водата прокапница која ги формирала украсите. Ова претставува ученички пример за формирање на пештерските украси-сталактити. Пештерските украси се со различна боја: жолта, црвена, бела, поради различниот хемиски состав на водата прокапница. Дел од украсите се со маркантни димензии, покривајќи голем дел од пештерските ѕидови. Некои пештерски украси сеуште се во фаза на формирање.

        
Генеза и старост на пропаста. На височина од 900 м е евидентирана езерска површина, која на Осој е послабо изразена бидејќи теренот стрмно се издига и на оваа височина има кристалести шкрилци. Езерска фаза на овој простор има и за време на дилувиум, поради подоцнежните тектонски движења, за што укажуваат пореметените неогени седименти на излезот од Треска, покриени со хоризонтални бигровити плочи и конгломерати кои се подоцна наталоени (Јовановиќ, 1931). Во месноста Каурски Зеленик, каде се наоѓа пропаста Срт, се евидентирани и траги од повисока речна тераса на река Треска, претставени со подишта. Таа е највисока речна тераса, на 620 м, и одговара на езерското ниво од 900 м. Врз основа на извршена корелација утврдено е дека староста соодветствува со горен плиоцен (Манаковиќ, 1968). Горенаведеното укажува дека формирањето на пропаста Срт имало подолга еволуција и истото е полигенетско, односно пропаста е формирана од повеќе агенси. Доминантен фактор во формирањето на пропаста има речната ерозија, која подоцна е заменета со карстна. Денес пропаста сеуште е во фаза на формирање бидејќи сеуште пештерските украси се формираат со водата прокапница.  

    
Намена на пропаста. За пропаста Срт може да се утврди каква намена може да добие, според Студијата за заштита на природното наследство за Просторниот план на Република Македонија (1999). Притоа за пропаста намената може да биде: научно-истражувачка, студиско-демонстративна, рекреативна и стопанска. Научно-истражувачка намена може да има објект или подрачје кое служи за научно истражување на неживата природа и нејзините процеси. Од геоморфолошки аспект пропаста Срт ваква намена може да има при проучување на постанокот, еволуцијата и староста на пропаста, проучување на акумулативните форми, како и следење на микроклиматските елементи и нивното влијание врз формирање на пропаста. Студиско-демонстративната намена се однесува за објект кој служи како нагледен пример за некоја природна појава или процес. Пропаста Срт претставува добар пример за рецентно формирање на подземните акумулативни форми и влијанието на корозивната работа на водата прокапница, како и улогата на пукнатините врз формирање на овие форми. Рекреативна намена има објект или подрачје кое е погодно за одмор и разонода во природа. Пропаста Срт може да ја има оваа намена бидејќи е лоцирана во еколошки чисто подрачје и претставува идеален спелеолошки објект за спелеолозите кои изведуваат вежбовни активности (спелеолошки техники на спуштање и качување во вертикални канали). Стопанска намена може да има одреден локалитет доколку не е во спротивност со заштитата. Тоа е една од можните примарни стопански дејности (туризам). Бидејќи пропаста Срт има релативно добра пристапност и се наоѓа во близина на главниот град Скопје, има инфраструктура во близина на влезот (електрични водови), соодветни димензии на пештерската сала, разновидни и колоритни пештерски украси, пејзажно-амбиентални мотиви може да има стопанска, односно спелео-туристичка намена.

 


Учесници од ИД Урсус Спелеос од Скопје во истражувањето на пропаста СРТ 

-Али Самет
-Оливер Гичевски
-Бојан Петковски
-Диме Караташов
-Стојан Мишев
-Сашо Петрески
-Анета Тргачевска
-Зоран Стамболиски

Користена литература

Гичевски Б. (2008): Подземни карстни форми во Поречкиот Басен и нивна валоризација за потребите на просторното планирање. Магистерски труд-во ракопис.
ИД "Урсус спелеос"-Скопје: податоци за скица, фотографија, карта
Јанчевски ет.ал (1982): Толкувач за листот Скопје К 34-79, 1-57, Скопје.
Јовановиќ П.С. (1931): Рељеф Скопске котлине. Гласник Скопског научног друштва, књ. Џ, Скопје.
Манаковиќ Д. (1968): Геоморфологија на Сува Гора, Сува Планина и нивните северни огранци. Годишен зборник, кн. 16, св. 4, 129-177, Скопје.
МЖСПП (1999): Студијата за заштита на природното наследство за Просторниот план на Република Македонија.

Фото Петковски Бојан
Текст м-р Гичевски Билјана

 

 

 
 
 
Ursus Speleos 2010 Сите права задржани