Почетна
За нас
Членови
Проекти
Туризам
Линкови
 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

назад

     Пештера СТУДЕН КЛАДЕНЕЦ

 

Пештерата Студен Кладенец е лоцирана на западните падини на планината Даутица, во горниот тек на реката Шејтанка. Изградена е во некарбонатни карпи (албитски гнајс). Посебна специфика претставува подземниот речен тек.
Најголем дел од подземните морфолошки облици (пештери и јами) се изградени во карбонатни карпи (варовници, доломити). Но мал дел може да се формирани и во друг вид на карпи. Во тој случај станува збор за псевдо карст под што се подразбира збир на појави слични на облиците на правиот карст и тие се развиваат или во некарбонатни карпи (камена сол, гипс, еруптивни карпи) или во карпи кои содржат извесна доза на калциум карбонат (лес, лапорец, конгломерати) (Петровиќ, 1977). Во оваа група на облици припаѓа и пештерата Студен Кладенец.
Пештерата Студен Кладенец просторно припаѓа во Пелагонискиот хорст - антиклинориум, поточно во Поречкиот Басен. Истата се наоѓа на западните падини на планината Даутица. На север од неа е врвот Чардак (1652 м), врвот Старец (1841 м) е на југоисток, а врвовите Бел Камен (2074 м) и Гавран (1563 м) на југ. До отворот на пештерата се стигнува по шумски пат кој води од село Црешнево до Иберлиска Ливада и истата е на околу 7 км оддалеченост од село Црешнево, во југоисточен правец. Отворот е од десната долинска страна на река Шејтанка, на надморска височина од 1060 м.

Геолошки карактеристики.Пештерата Студен Кладенец во геолошки поглед припаѓа на Пелагонискиот хорст - антиклинориум. Истата е изградена во високо метаморфни карпи, со прекамбриумска старост.
Високо метаморфните карпи се поделени во два комплекса: долен, претставен со серија на гнејсеви и микашисти и горен, претставен со мешана и мермерна серија. Помеѓу овие два комплекса постои стратиграфска дискорданција, бидејќи карпите од горниот комплекс еднаш лежат над микашистите, а друг пат над гнајсевите (Стојанов, 1960). Мешаната серија претставува преоден хоризонт меѓу гнајсно - микашисната и мермерната серија. Таа кон повисоките делови на Пелагонот преку циполини преминува во мермерната серија. Истата е развиена на подрачјето кое се протега од Даутица, преку Бел Камен, долината на реката Крапа, село Зрзе се до село Дебриште, каде тоне под квартерните седименти на Пелагониската котлина (Думурџанов, Стојанов, Петровски, 1979). Мешаната серија е изградена од албитски гнајсеви, циполини и микашисти.
Пештерата која е предмет на проучување се наоѓа во албитски гнајсеви. Истите се средно зрнести, сиво - зеленкасти, карактеристични со албитски порфиробласти, големи до 6 мм. Тие се изградени од кварц, албит, микроклин и зеленкаст мусковит, а споредно содржат биотит, епидот, циосит, гранат, титанит, амфибол, хлорит, циркон и калцит (Думурџанов, Стојанов, Петровски, 1979). Акумулативните форми во објектот се изградени од циполини кои просторно се наоѓаат над албитските гнајсеви.

Морфолошки карактеристики на пештерата.Влезот на пештерата Студен Кладенец се наоѓа од десната страна на река Шејтанка, веднаш над речното корито. Истиот гледа кон југ и има издолжена неправилна форма, со димензии 1.5 x 0.5 м.
Пештерата Студен Кладенец е изградена од еден пештерски канал низ кој тече подземен водотек и има ориентација кон исток. Подот на почетниот дел на пештерскиот канал е покриен со поситен песок кој е наталожен од подземниот водотек. На овој дел (т. 2) е првото пештерско проширување каде јасно се забележува падот на слоевите (32). Бидејќи таваницата е испресечена со поголем број на пукнатини се јавуваат акумулативни форми претставени со сталактити. Во следните 15 м од таваницата се сурнати повеќе блокови во вид на плочи (т. 4-5). Наклонот на овој дел од пештерскиот канал е околу 50, па затоа движењето е многу ризично. На овој дел подземниот водотек се движи под сурнатиот материјал. Движењето во следниот дел од пештерскиот канал (т. 7-16) е исклучиво по течението на реката чија температура изнесува 9C. Височината на таваницата на овој дел се движи од 0.3 м до 2 м. Максималното проширување се јавува кај точка 17 (5 x 4 м). Во оваа пештерска сала се јавува група на сталактити. На овој дел движењето по течението на подземниот водотек е невозможно како резултат на малата височина на таваницата. Кон југоисток, во должина од 12 метри (т. 17-21) продолжува сув пештерски канал.
При првичното истражување на пештерата Студен Кладенец беше влезено и после точка 21, но поради големиот ризик за истражување (ронливост на карпата) истражувањето беше прекинато. При повлекувањето, кај точка 21, се сурна карпест блок кој го оневозможи понатамошното истражување на пештерскиот канал.
Вкупната должина на истражените канали (т. 1-21) изнесува 101 метар. Во иднина треба да се отстрани сурнатиот блок за да се доистражи пештерата Студен Кладенец.

Искористување на водата од пештерата Студен Кладенец.Подземниот водотек од пештерата Студен Кладенец се влива во река Шејтанка, од нејзината десна страна. Сливот на оваа река гравитира кон село Горна Белица. Но на околу 100 метри од влезот на пештерата, низводно по река Шејтанка, е направен зафат за собирање на водите. Овие води преку цевковод, долг околу 7 км, се носат до село Црешнево. Оваа селска населба просторно не припаѓа на сливот на река Шејтанка. Водите од зафатот се користат за наводнување на земјоделските површини. Вишокот на вода се слива во Црешневска Река, а преку неа во река Треска која претставува главен реципиент. На овој начин коритото на река Шејтанка, низводно од зафатот, во текот на целата година е суво и безводно.

Заклучок.Водената пештера Студен Кладенец припаѓа во Пелагонискиот хорст - антиклинориум, поточно во Поречкиот Басен.
Во геолошкип оглед поширокиот процтор е поделен на два комплекса: долен, изграден од гнајсеви и микашисти и горен, претставен со мешана и мермерна серија. Пештерата која е предмет на проучување е лоцирана во мешаната серија и истата е изградена од албитски гнајсеви.
По целиот пештерски канал тече подземен водотек чија температуре на вода изнесува 9C. Пештерскиот канал на одделни места е многу тесен, па поради тоа движењето е отежнато. Овој пештерски објект припаѓа во групата на ризични објекти поради лесната кршливост на матичната карпа. За дополнителни истражувања потребно е отстранување на еден сурнат блок кој го има делумно затворено пештерскиот канал. Досега истражените канали се со должина од 101 м.
Водите од подземниот водотек, преку изграден цевковод, се користат за наводнување на земјоделски површини.

Литература

Думурџанов Н., Стојанов Р., Петровски К. (1979): Толкувач на листот Крушево (к 34-91). Основна геолошка карта (1:100 000), стр. 1-58, Белград.
ИД "Урсус спелеос", ПСК "Златоврв": Податоци за скица.
Петровиќ Д. (1977): Геоморфологија. Граѓевинска кнјига, Београд.
Стојанов Р. (1960): Претходни резултати од геолошките и петрографските истражувања на високометаморфните стени во централниот дел на Пелагонискиот масив. Трудови на Геолошки завод, 7, стр. 147-179, Скопје.
 

 
 
 
Ursus Speleos 2010 Сите права задржани