За практична еколошка заштита на живеалиштата на лилјакот мал потковичар (Rhinolophus hipposiderоs) во пештерите во СП „Слатински Извор“ (Слатински Извор, Пурало, Овчарска Пештера и Слатинска II) се поставија метални стандардни решетки на влезовите на сите 4 пештери. На овој начин се врши „in situ“ заштита на лилјаците, а на индиректен начин се заштитуваат и пештерските ракчиња (Alpioniscus slatinensis) чија егзистенцијата е условена од лилјаците. Заштитните врати се според стандардите пропишани од EUROBATS Publication Series No 2, 2007 (ISBN 978-92-95058-02-6), и истите се проодни за прелети на лилјаците. Заштитните метални врати ги штитат популациите лилјаци и нивните живеалишта од негативните влијанија на луѓето. Со нив се врши контролирано и организирано влегување на луѓето во пештерите. Со поставувањето на вратите се води евиденција за точниот број посетители на пештерите во заштитеното подрачје. Ова е прв пример во Р. Македонија за водење на организирана евиденција за точниот број на посетители на пештери. На влезовите од пештерите Пурало, Овчарска Пештера и Слатинска II се постави по една решеткаста врата, додека во пештерата Слатински Извор се поставија 2 врати - на двата пештерски влеза по една врата. За изработка и поставување на заштитните врати се ангажира фирма, додека дел од локалното население на с. Слатина, членови од членови од ИД „Урсус спелеос“ – Скопје и ЕД „Треска“ - Македонски Брод волонтерски помагаа при поставување на истите.

*Активностите се дел од проектот „Заштита и промоција на ендемското пештерско ракче и глобално загрозениот лилјак мал потковичар во пештерите во СП „Слатински Извор“ - финансиран од ГЕФ ПМГ и ИД „Урсус спелеос“

cave #cavefauna #macedonia #cavebats #proektGEFPMG