Тимот на ИД Урсус Спелеос составен од спелеолози, спасувачи во пештери и лица обучени за мониторинг и заштита на животната средина, заедно со претставници на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и на Јавното претпријатие за управување и заштита на подрачјето Јасен извршија мониторинг на пропаста Јасика. Со ова почнаа акивностите на проектот "Заштита на природните вредности на повеќенаменското подрачје "Јасен", кој е дел од Програмата за зајакнување на управувањето со заштитените подрачја, финансирана од Европската унија и УНДП.

 Проектот предвидува истражување на пропаста Јасика, трасирање на пристапната пешачка патека, туристичко уредување на пропаста како и воспоставување на спасувачки инфо центар, со цел намалување на притисокот на дрвната сеча и зачувување на животната средина од ерозија и уништување.

Поради непостоење на туристичка инфраструктура, инструктори за спелеологија и спасување од ИД Урсус Спелеос поставија модерен систем за влегување и извлекување на мониторинг тимот во пештерата.

За време на посетата, обучени лица за мониторинг на животна средина ги утврдија местата на кои што ќе бидат поставени инструментите за мониторинг на промени во пештерата, направија првична проценка и ажурирање на податоците за дизајн на туристичката пештера, спасувачкиот инфо центар како и пристапната патека.