Пештерите претставуваат свет во потполн мрак, со постојана температура и голема влажност. Животните кои живеат во нив се адаптирани на овие услови и живеат во опкружување во кое нема многу извори на храна. Поради тоа голем дел од пештерските животни претставуваат загрозени видови. Понекогаш, основен извор на храна за пештерската фауна претставува изметот од лилјаците кои се хранат надвор од пештерите. Некои животни се хранат директно од изметот или со бактериите и габите кои ја разградуваат материјата, а потоа тие стануваат храна за поголемите предатори. Ваквиот синџир на исхрана условува во пештерските системи сите видови да зависат едни од други. Поради специфичните услови за живот се наметнува потребата да не се попречуваат животните процеси на пештерските животни.

 

Лилјаците се единствените цицачи кои во текот на еволуцијата стекнале способност за активно летање, што им овозможило освојување на нови простори и еколошки ниши. Освен летање, кај лилјаците се развил и посебен систем за ориентација во просторот во темница наречен ехолокација. Кога летаат, тие преку посебни структури во гркланот произведуваат и емитуваат звуци со висока фрекфенција (ултразвуци). Овие звуци патуваат во просторот, се одбиваат од сите тврди предмети, а потоа преку сетилото за слух одбиените звуци стигаат во мозокот каде се создава детална и јасна слика за просторот, предметите, пленот, непријателите и препреките.

Лилјаците се насекаде околу нас. Ноќно време тие прелетуваат над шумите, ливадите, покрај реките, парковите или уличните светилки барајќи храна. Тие користат најразлични засолништа како пештери, пукнатини во дрвја и карпи, а често и различни градби (тавани, под ќерамиди, пукнатини во ѕидови, прозорски капаци). Пештерите претставуваат значајно засолниште за најголем дел од лилјаците. Тие ги користат овие живеалишта преку целата година или пак во одредена сезона. Присуството на лилјаци во пештерите е мошне значајно, бидејќи тие се единствените кои во пештерите внесуваат или оставаат органски материи неопходни за опстанокот на останатите видови на пештерска фауна. Лилјаците кои живеат кај нас во топлиот период од годината (од пролет до есен) интензивно се хранат и создаваат резерви од масни материи, а во ладниот период од годината (зима) тие мируваат (хибернираат) во пештерите.

Како резултат на човековото влијание (сечење на шуми, исушување на водни површини, прекумерна употреба на инсектициди, вознемирување на колониите на лилјаците) денес се повеќе се уништуваат природните живеалишта на лилјаците и се намалува бројноста на нивните популации.

Во Македонија досега се регистрирани 28 различни видови лилјаци, кои се со распон на крилјата до 45 см и тежина од 4 до 45 грама. Сите лилјаци кои живеат во Македонија се исхрануваат со различни видови ноќни инсекти. Тие се на еден начин природни регулатори на инсектите. Да не се тие би имало премногу комарци и други штетни инсекти околу нас. Лилјаците не се опасни за човекот и не напаѓаат. Во самоодбрана лилјакот може да касне. Доколку некој е каснат од лилјак треба веднаш да се обрати на лекар, бидејќи лилјаците може да бидат преносители на сериозни болести, како што е беснилото.

Во Македонија заштитата на лилјаците е опфатена со Законот за заштита на природата.  На меѓународен план, постојат повеќе директиви и спогодби кои ги опфаќаат лилјаците како заштитени видови, а се ратификувани или прифатени од Република Македонија.

 

  • Мал потковичар (Rhinolophus hipposideros) е еден од најмалите лилјаци присутни кај нас, со тежина од 5-9 грама. Распонот на неговите крилја е од 190-254 мм. Најчесто се засолнува во пештери, но може да се сретне и во други природни или вештачки подземни места. Не е миграторен вид. Единките живеат самостојно, со исклучок на летниот период кога формираат т.н. мајчински колонии составени од 10 до 100 единки, најчесто женки. Се среќава покрај или вдолж раб на широколисни шуми, во подрачја со рипариска вегетација, како и во близина на населби.

мал потковичар

  • Голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum) е најголемиот претставник од лилјаците потковичари. Има тежина од 17 до 34 грама и распон на крила до 40 cm. Се засолнува во пештери и други подземни места, како и тавански простории. Не е миграторен вид и зависно од сезоната формира колонии составени од 30 до 500 единки. Најчесто се среќава во подрачја со широколисни шуми, макии и пасишта.  

  • Јужен потковичар (Rhinolophus euryale) е средно голем лилјак со тежина од 8 до 17 грама. Распонот на неговите крилја е од 290 до 320 мм. Тој се сретнува во медитеранските области, при што претпочита карстни подрачја со многу пештери, широколисни шуми и макии и во близина на вода. Типичен пештерски вид, не мигрира и формира големи колонии составени и до 2000 единки. Категоризиран е како близу загрозен вид според Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN Red List).

  • Долгокрилест лилјак (Miniopterus schreibersii) е со средна големина и тежи од 9.5 до 13.5 грама. Опсегот на крилјата е од 280 до 305 мм. Тој е миграторен вид на лилјак кој менува неколку засолништа во текот на годината. Се засолнува само во пештери и формира големи колонии составени и до 10 000 единки. Лови најчесто во отворени или полуотворени природни или вештачки станишта, вклучително и населени места. Категоризиран е како близу загрозен вид според Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN Red List).

 

  • Пештерското ракче Alpioniscus slatinensis е опишано од пештерите во Слатина. Тој претставува локален ендемски вид за фануната на Македонија и единствено може да се најде во пештерите во Поречкиот Басен. Во текот на својата долготрајна еволуција, прилагодувајќи се на живот во пештерите во потполн мрак и многу висока и постојана влажност на воздухот, овој вид потполно ги изгубил очите и пигментот. Како резултат на тоа развил други сетила со чија помош можел да опстане во специфичните пештерски услови, но не и надвор од пештерите. Затоа претставува типичен троглобионт. Пештерското ракче, како и сите останати прави пештерски животни многу се осетливи и на најмали промени во нивната животна средина, но и на промените  надвор од пештерите (во прв ред климатските промени). Затоа и најмала промена може негативно да се одрази на нивната популација и на нивниот опстанок. Поради тоа пештерските животни, а со самото тоа и пештерското ракче се сметаат за загрозени животни и се нагласува потребата од нивна заштита.